Општата болница во Прилеп „Борка Талески“ ќе добие нов оперативен стол, заедничка донација од „Витаминка“ и „Прилепска пиварница“ во вредност од 12.500 евра. Оперативниот стол е наменет за Одделението за офталмологија и станува збор за неопходна опрема со мултифункционални перформанси.
Двете најголеми прилепски компании се обединија во хуманиот гест да го снабдат ова одделение со нова и мултифункционална опрема и уште еднаш на дело да ја покажат својата општествена одговорност.
– Како компании и како граѓани на Прилеп треба да бидеме свесни за улогата што ја имаме во заедницата и одговорноста што ја носиме како стопански субјекти што потекнуваат пред сè од овој град. Доколку се раководиме од овој мотив, многу состојби може да бидат променети на подобро. Донацијата воедно е манифестација на нашата континуирана грижа за заедницата каде работиме и потребите на нашите сограѓани – изјавија од „Витаминка“.
Оперативниот стол е набавен од реномирана компанија, производител на специјализирана медицинска опрема и исполнува една од поголемите потреби на офталмолошкото одделение.
– Овој пат како дел од нашите активности за социјално општествена одговорност се решивме да направиме донација за Прилепската општа болница. Се надеваме дека оваа наша заедничка иницијатива ќе ја следат и други компании и исто така ќе придонесе за подобрување на здравствените услуги на Одделението за офталмологија – изјавија од „Прилепска пиварница“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.