Мојот став е повеќе од јасен. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во Годишното обраќање одржано денеска во неговиот кабинет.
– Се уште слушам како поедини лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси. Ќе ги потсетам дека Македонија во 1991 година се конституира како национална држава на македонскиот народ, во кој се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија- истакна претседателот.
Тој потенцираше дека со Охридскиот рамковен договор била отворена вратата за правична застапеност на граѓаните од сите, а не само за една заедница. Недозволиво е, смета македонскиот претседател, некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Република Македонија, како што рече, спротивно на Уставот на Република Македонија.
– Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават. Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на Македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара, ниту се преговара- потенцираше македонскиот претседател, кој додаде дека никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет.
– Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа е слободата и независноста на Република Македонија. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество- истакна Иванов.
Осврнувајќи се на изборите и постизборниот период претседателот уште еднаш им честита на граѓаните, истакнувајќи дека со распределбата на своите гласови тие всушност ги принудиле партиите да водат дијалог во институциите, но, не по цена на државните интереси.
– Граѓаните разбраа дека за да се излезе од кризата не е потребно надгласување, туку усогласување, не е потребно уценување, туку помирување- рече Иванов, додавајќи дека граѓаните најодговорно си го исполниле својот дел од договорот наречен демократија.
Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата Влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во Годишното обраќање.
– Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање на реална статистика е пописот- истакна претседателот Иванов.
Според него, неодговорно е да се бараат права без да се преземат обврски.
– Им порачувам дека е неодговорно да се бараат права без да се превземаат обврски, точно онака како што е наведено во амандманот 4 од Уставот на Република Македонија- рече Иванов.
Тој истакна дека обврска и одговорност на секој граѓанин на Македонија, независно од етничката, верската, јазичната и идеолошката припадност е да се грижи за добробитта на оваа наша единствена заедничка татковина. Последниот попис во Македонија, посочи Иванов, беше пред цели 14 години, оценувајќи дека тоа е предолг период за која било држава.
Претседателот Иванов истакна дека со ова обраќање ја исполнува својата уставна обврска да информира за прашањата од негова надлежност и дека за обраќањето писмено ќе го извести Собранието на Република Македонија. Годишното обраќање наместо во Собранието на Република Македонија беше од кабинетот на Иванов, бидејќи новиот собрански состав се уште не е конституиран.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани