Го повикувам лидерството на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да смогнат сила за да си простат, да се помират и, конечно, да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во годишното обраќањето во вила Водно, оценувајќи дека нема ништо потрагично и поопасно од меѓу-македонскиот судир.
– Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, ги повикувам да ја почитуваат волјата на граѓаните, бидејќи во омразата никој нема ниту иднина, ниту надеж – рече Иванов.
Претседателот повика да ги оставиме зад нас поделбите и реваншизмот и реториката на патриоти и на предавници.
– Да престанат и нападите кон дипломатските претставници. Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите. Одредени политички лидери да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели. Истовремено, го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат да не бидат погрешно разбрани и да се придржуваат до Виенските конвенции – рече Иванов.
Да да го направиме чекорот на помирување неопходна е одговорност, порача македонскиот претседател.
-Одговорноста е темел на довербата меѓу луѓето и институциите, бидејќи секој кој носи одлуки мора да превземе лична одговорност за своите чекори, рече Иванов, додавајќи дека само одговорноста создава услови за безбедност, стабилност и напредок.
– Кога институциите се заобиколувани, блокирани и парализирани, наместо да се дел од решението, тие стануваат дел од проблемот. Се надевам дека лидерите конечно ја научија лекцијата – дека не треба да се бараат решенија надвор од институциите на државата. Затоа, повикувам, по којзнае кој пат да им ја вратиме моќта на институциите, потенцираше претседателот Иванов.
Во таа насока Иванов ги повика и партиите да покажат одговорност и, како што рече, да го обноват заветот за европска и евроатлантска Македонија.
– Ги повикувам што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на европската и евроатлантската агенда, се додека довербата на граѓаните во Европската Унија и НАТО е толку висока. Ги повикувам да се обврзат дека сите закони и решенија од европската агенда ќе имаат приоритет, истакна претседателот.
Истовремено, претседателот Иванов ја повика и Европската унија да престане да ја блокира иднината на Македонија.
– Со блокирањето на преговорите се блокира можноста за градење одговорни, европски институции во Република Македонија. Со блокадите, нам ни се ускратува правото на просперитет. Повторувам, со блокадите ни се ускратува правото на просперитет. Затоа, време е за поголема одговорност на Унијата кон Македонија, порача Иванов во обраќањето.
Со повик за простување, помирување и сплотување околу државните интереси, претседателот Иванов го заврши своето годишно обраќање.
– Повикувам, конечно, одлуките за Македонија да ги носиме во институциите што сами ги создадовме, преку претставниците што сами ги избравме.Повикувам на одговорно однесување. А одговорноста се гради преку јавност и транспарентност. Граѓаните треба да бидат врвниот контролор на одговорноста на лидерите, политичарите, институциите. Бидејќи сите постојат заради граѓаните, истакна македонскиот претседател.
Само така, рече тој, ќе ја градиме Република Македонија како држава во која наместо поединци ќе владее правото, во која ќе се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и рамноправноста, држава што ќе обезбеди мир и соживот меѓу своите граѓани, независно од етничката, верската и јазичната припадност и држава што ќе обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.
– Како Претседател на Република Македонија и како Врховен командант на вооружените сили се повикувам на мојата одговорност дека ќе го правам она за што положив свечена заклетва. Ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици, закани и ризици. Ќе го бранам Уставот и уставниот поредок на Република Македонија. И не помислувам да отстапам од тоа, рече претседателот Иванов во своето годишно обраќање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани