Со одлуката за помилување ги скршив црните сценарија насочени против Македонија, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање, осврнувајќи се на неговата одлука од 12-ти април.
Одлуката, посочи македонскиот претседател, ја донел во ситуација кога Република Македонија веќе имаше прогласено кризна состојба, поради мигранската и бегалска криза, но и во момент кога, според претседателот Иванов, Специјалното јавно обвинителство станало селективно и поларизирано и кое наместо инструмент за правда, се свело на инструмент за уцена на политичките противници.
-Сето ова што ни се случуваше неминовно водеше кон граѓански конфликт. Во такви сложени услови, како Претседател на Република Македонија бев единствената институција со легитимитет и овластувања да носи одлуки. И, наместо да бидам пасивен набљудувач на отворен судир, понудив решение за кризата. Понудив помирување преку помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза- рече Иванов.
-Еден ден, кога ќе бидат декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат целосен увид во состојбата поради која ја превзедов таа мерка. Но, ќе кажам само дека во состојба во која беше доведена во прашање иднината на државата, помилувањето беше единствениот мирен начин да се замрзнат непријателските намери меѓу спротивставените страни и да се избегне анархија- рече претседателот Иванов, додавајќи дека оваа одлука претрпел многу критики и обвинувања.
-Ме обвинуваа дека со одлуката за помилувањата сум ги прекршил Уставот и законите. Но, не само што со одлуката не ги прекршив Уставот и Законите, туку ги скршив црните сценарија насочени против Македонија. Ме обвинуваа дека сум го помилувал криминалот во Македонија. Но, помилувањата воопшто не вклучуваа запирање на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот. Ако некој крадел, ќе мора да го врати украденото и да плати за стореното. Владеењето на правото подразбира дека сите луѓе, почнувајќи од мене, независно од нивната етничка, религиска, политичка и социјална припадност, независно дали се на власт или во опозиција, се еднакви пред словото на законот. За такво владеење на правото се залагам. За тоа и го потпишав законот за формирање на СЈО. Бидејќи, без сузбивање на криминалот и корупцијата, не можеме да градиме иднина за Република Македонија- рече претседателот Иванов во годишното обраќање.
-Сепак, таквиот начин на решавањето на политичката криза не беше прифатено од дел од јавноста и штом се создадоа законски услови за тоа, ги повлеков дадените помилувања- рече македонскиот претседател во своето годишно обраќање, одржано денеска во Вила Водно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани