| четврток, 6 декември 2018 |

Жените сакаат да започнат бизнис, но им треба претприемаштво

zeni

Жените во Македонија имаат претприемачки дух и сакаат да започнат сопствен бизнис, но потребно е да се работи на зајакнување на претприемаштвото кај женската популација, сметаат бизнис секторот и надлежните институции.

Податоците со кои располагаат надлежните покажуваат дека голем процент од жените се вклучени во активните мерки за вработување, а од Здружението на бизнис жени оценуваат дека треба и понатаму да се работи на економското јакнење на жената бидејќи тие многу поретко влегуваат во подобро платените бизниси и се  уште постои родова неизбалансираност.

– Според административните податоци во Агенцијата за вработување процентот којшто го имаат жените во отворањето на сопствени бизниси е над 35,8 проценти. Се уште може да биде повисоко и добро е да биде така, но тргнувајќи од фактот дека пред 2007 година жените немале можност да бидат поддржани со мерка со којашто ќе можат да отворат бизнис, имаме напредок и од година во година тој процент се повеќе се зголемува- истакна Слободанка Алексовска, раководител на Центарот за вработување во Скопје.

Според Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени, мора да се работи на економското јакнење на жената преку зајакнување на претприемништвото.

– Треба да се работи за зајакнување, пред се на самовработување и на одлучувањето да бидеме жени претпремачи- рече Дисоска, додавајќи дека Македонија во однос на трите клучни индикатори со кои се мери родовата избалансираност, се уште заостанува.

Во однос на менаџерските позиции што ги имаат жените, податоците од неформалните истражувања укажуваат дека вкупниот број на жени кои се на раководни позиции е околу 12 проценти, додека во приватниот сектор шест проценти од жените се менаџерки.

Најмногу вработени жени, според податоците на Агенцијата за вработување, има во секторот осигурување и финансии по што следуваат здравството и социјалата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top