Индексот на доверба порасна на 113,7 поени од ревидирани 109,4 поени во ноември, пренесува агенцијата Блумберг, додавајќи дека се предвидувало дека тој ќе изнесува 109 поени.
Степенот на потрошувачките очекувања за наредните шест месеци се искачил на 105,5 од 94,4 поени, што е највисокото ниво од декември 2003 година. Индексот за проценка на сегашната состојба опаднал на 126,1 од 132 поени.
Уделот на Американци кои очекуваат подобри услови за бизнис во наредните шест месеци започнувајќи од сега, скокна на 23,6 проценти од 16,4 проценти, што е најмногу од февруари 2011 година.
Американските домаќинства очекуваат дека администрацијата на Доналд Трамп ќе испорача резултати, и пооптимистични се при проекциите за изгледите на економијата, пазарот на труд и своите приходи, покажува извештајот на „Конференс Борд“.
Овие резултати го потврдуваат неодамна објавеното истражување на Универзитетот во Мичиген и Националната федерација за независно работење, кои покажаа дека залетот на раположението на домаќинствата и деловниот сентимент е поради ветувањата на Трамп дека ќе поттикне отворање на нови работни места, ќе ги намали даноците и ќе ја поедностави регулативата.
-Постизборниот бран на оптимизам во поглед на перспективите на економијата, вработувањата и приходите, како и движењето на цените на акциите кои достигнаа 13-годишен рекорд, бил најизразен кај повозрасните потрошувачи – наведе во соопштението Лин Франко, директорка за економски индикатори во „Конференс Борд“.
-Што се однесува за 2017 година, продолжувањето на оптимизмот на потрошувачите ќе зависи од тоа дали нивните очекувања ќе бидат остварени – додаде таа, пренесува Блумберг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.