Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Историја на светлината“ од чешкиот писател Јан Њемец, книга за чешкиот фотограф Франтишек Дртикол и за почетоците на фотографијата како нов вид уметност. Преводот на македонски јазик е на Диме Митревски.
Кој бил, всушност, Франтишек Дртикол? Конте од рударско гратче, светски познат фотограф со пропаднат бизнис, мајстор на актот што немал среќа со жените, мистик и будист што поверувал во комунизмот, со еден збор – маж синтеза на многу противречности.
Романот претставува вистинска фреска, која покрива повеќе од половина век: во неа оживуваат прибрамските рудници за сребро, Минхен во периодот на сецесијата, како и боемштината на Првата република, кога моделките еднаподруга голи се шетаат на светлото, кое незабележливо се слева со свеста…
„Историја на светлината“ е добитник на Европската награда за книжевност во 2014 година, како и на наградата „Чешка книга“. Преведен е на 12 јазици. Критиката го препорачува како за сериозните фотољупци така и за лаиците.
Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Јан Њемец (1981) е современ чешки автор. Студирал социологија и религионистика, како и театарска драматургија. Работи како уредник во издавачката куќа „Хост“ и во истоименото списание. Редовно пишува и во неделникот „Респект“. Од 2014 година е претседател на новоформираната Асоцијација на писатели. Син е на писателот Лудвик Њемец.
Диме Митревски (Прилеп, 1988) е преведувач од чешки и англиски јазик. По додипломските студии од областа на англистика и бохемистика на Филолошкиот факултет во Скопје, магистрира на Масариковиот универзитет во Брно, Република Чешка, на групата за Книжевност и меѓукултурна комуникација. Образованието го продолжува како докторанд на Масариковиот универзитет од областа на театарскиот превод. Досега превел повеќе дела од канонските чешки автори, како Карел Чапек, Бохумил Храбал и Милан Кундера, но преведува и современи автори: Петра Хулова, Јан Њемец, Јан Балабан и други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст