| четврток, 6 декември 2018 |

Најмногу рекламации за изгубени поштенски пратки

posta

На македонскиот поштенски пазар најмногу рекламации лани се поднесени за изгубени поштенски пратки, на што отпаѓаат 93 проценти од вкупниот број рекламации, а повеќето од позитивно решените се за препорачани пратки, информира на денешната јавна седница на Агенцијата за пошти (АП) директорот Влатко Атанасовски.

Над 88 проценти од испитаниците рекле дека никогаш не поднеле рекламација за квалитетот на услугите до Агенцијата за пошта како регулаторно тело, а на речиси пет проценти од испитаниците воопшто не им се јасни или познати постапките за рекламација.

Истражувањето на АП за задоволството на корисниците од поштенските услуги покажало исклучително ниско ниво во однос на поштенските услуги за индивидуалните корисници. ­

-Над 80 проценти укажаа на фактот дека очекуваат оти интернетот и комуникацијата преку дигиталните форми кои ги нуди развојот на технологијата имаат потенцијал во целост да ги заменат поштенските услуги- рече Атанасовски, потенцирајќи дека поштенските услуги само ќе ја менуваат формата и видот но оти нема да биде доведено во прашање нивното постоење.

Како што истакна Атанасоски, од вкупните поштенски услуги кои ги користеле испитаниците 65 проценти отпаѓаат на бизнис кореспонеденцијата и испораката на пакети. Само 10 проценти од бизнис испитаниците рекле дека имале искуство во постапки пред АП. Шеесет и седум проценти користеле услуги и како испраќачи и како примачи на поштенски пратки, а како резултат на легислативните бариери 86 проценти од поштенската комункација била на домашниот пазар.

Според податоците на Агенцијата за пошти, вкупниот обем на поштенски сообраќај во 2015 година е намален за над два милиона пратки во однос на 2014 година. Кај давателот на универзалната услуга Македонска пошта (МП) трендот на намалување е постојан од 2011 година наваму. Обичните писма учествуваат со над 87 проценти кај Македонска пошта. Тоа, појасни Атанасовски, значи дека огромен дел од својот приход МП остварува преку својата доминантна позиција, овозможена преку законски регулираното постоење на резервираната област, пазарен сегмент кој кај напредните европски оператори веќе одамна не е сегмент на кој се базира конкурентноста во поштенските услуги.

-Со продолжувањето на рокот за целосна либерализација за уште две години- укажа Атанасовски, се создава приходна зависност на МП од пазарен сегмент кој и континуирано ќе се намалува.

Директорот на Агенцијата за пошти укажа и дека преку државна интервенција несвесно се задушува доставата на стоки и пакети кои се предмет на он­лајн трговија, единствениот сегмент за кој, како што потенцира, има консензус дека е темел за идниот развој на поштенските услуги.

-Останувајќи инертни на нашата иницијатива за подигнување на нивото за бесцарински увоз на стоки за лична употреба од страна на граѓаните кои се купени он­лајн, а доставени по поштенски патм од 45 на 150 евра, надлежните државни органи и нивните политики директно придонесуваат за ограничувањето на развојот на поштенскиот пазар и тоа во сегментот кој е утврден за двигател на целокупниот прогрес на поштите во иднина- рече Атанасовски.

Во пазарниот сегмент за достава на пакети, како што информира, исто така во континуитет постои опаѓачки тренд во однос ба вкупниот број пакети. Во 2015 година МП остварила обем од 109.300 пакетски достави, а тој број во 2010 година изнесувал над 210.000. Опаѓање има и кај поштенските пратки по глава на жител, кај кои лани просекот изнесувал 22,7 пратки, а во 2010 година бил над 30 пратки по глава на жител. Вкупните приходи од поштенските услуги лани изнесувале 2.033.717.836 денари, или 0,36 проценти од вкупниот остварен БДП во 2014 година. Вкупниот приход кај сите даватели на поштенски услуги во 2015 во однос на 2014 е намален за 7,9 проценти. Поштенските работници учествуваат со 0,36 проценти во вкупниот број вработени во Македонија. Просечната бруто плата во овој сектор исплатена во октомври годинава изнесува 31.784 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top