| четврток, 6 декември 2018 |

Излезе во печат втората збирка песни на Јосип Коцев „Напишана тишина“

Од печат излезе втората поетска збирка „Напишана тишина“ од Јосип Коцев, новото поетско откритие на македонската книжевна сцена.
Книгата е излезена во рамките на поетската едиција ПОЕЗА на издавачот „Или-или“.
unnamed-1

„Напишана тишина“ е ракопис на ерудит кој не ја изгубил димензијата на срцето во умствените витли на јазикот; напротив, неговото младо поетско перо го возобновува романтизмот на македонскиот јазик што не сме ни сетиле кога исчезнал од параметрите на јазичната функција на зборовите. Метафоризацијата на ситуациите и на состојбите во кои се наоѓа поетскиот субјект е ненаметлива, а моќна. Во поезијата на Јосип Коцев се чувствува вокацијата на поетствувањето како апсолутно вградено во човечката природа на поетот. Сѐ ми се чини дека Јосип Коцев ни самиот не бил свесен дека станал поет уште пред да почне да објавува книги. Нема ништо почесно и поспонтано за еден вистински уметник од тој внатрешен повик на битието да го прави она за што има дарба: во случајот на Коцев – тоа е поезијата. Јосип Коцев е за мене едно од најголемите поетски откритија во македонската литература последнава деценија. Зад неговата поезија можам да застанам во секое време“ вели писателката Лидија Димковска.

Јосип Коцев е роден на 25.5.1985 во Скопје. Завршил правни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Автор е на поетската книга „Јас, Квентин Скриблер“ (2015). Неговата поезија е објавувана во неколку македонски книжевни списанија и на германската поетска мрежа Fixpoetry.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top