| четврток, 6 декември 2018 |

Анкара: Убиецот на рускиот амбасадор не дејствувал самостојно!

Убиството на рускиот амбасадор во Анкара, не е резултат на индивидуална иницијатива на терористот, туку бил планиран, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

„Работиме на идентификување на врските на терористот во Турција и надвор од неа. Во моментов јасно е дефинирана врската на терористот со терористичкото движење FETO на исламистичкиот проповедник Фетулах Ѓулен кој живее во САД. Атентатот над рускиот амбасадор не е резултат на индивидуална иницијатива на напаѓачот“ – изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пренесува агенцијата Anadolu.

Според него истрагата веќе дошла до „,многу важни поединости“, но во оваа фаза смета дека е несоодветно да бидат објавени. Дејствијата се преземаат, додава Сојлу, во тесна соработка со експертите од Русија.

Турскиот министер за внатрешни работи, исто така, вели дека терористичките напади извршени во земјата по парламентарните избори во јуни 2015 година и нападот врз рускиот амбасадор се дел од истиот план.

„Терористите на PKK (забранетата Работничка партија на Курдистан – з.р.). на движењето на Фетулах Ѓулен (FETO) и Исламската држава“, се само еден инструменти во една голема игра“, смета Сојлу додавајќи дека убиството на амбасадорот Карлов е резултат од активностите на силите кои имаат намера да ги спречат напорите за постигнување мир на Блискиот исток.

„Турција и Русија нема да паднат во таквите стапици. Политичката волја изразена од страна на Москва, е голем доказ за тоа и тоа ни влева надежи…. “.. порачува Сојлу.

Амбасадорот Андреј Карлов беше убиен вечерта на 19-ти декември за време на отворање изложба на фотографии во галерија во Анкара. Атентаторот, младиот полицаец Мевлут Мерт Алтинташ, за време на пукањето извикувал исламистички пароли и дека убиството е одмазда за сирискиот град Алепо. Во претресот на хотелската соба која ја изнајмил и во неговиот дом биле најдени пропагандни материјали за Ал Каеда и FETO.

Одговорноста за нападот ја презема сириската екстремна исламска групација Џаиш ал-Фатах односно сириското крило на Ал Каеда.

Сепак, турските власти сметаат дека зад нападот стои движењето на имамот Фетулах Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД, кого го обвинуваат и за неуспешниот обид за воен преврат до ноќта на 15-ти јули 2016 година. Самиот Ѓулен негира каква и да е поврзаност со двата случаи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top