Македонскиот тенор со богата светска кариера Благој Нацоски синоќа во Тјанжин, Кина, си ја повреди главата за време на премиерата на операта „Турандот“ од Пучини. Нацоски е во Кина од 11 декември, и настапува во оперите „Турандот“ и „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт.
– Сѐ помина во ред, имавме и огромен успех синоќа, особено јас лично, вели Нацоски за премиерата на „Турандот“.
– Пред да излезам на сцената во третиот (и последен) чин, брзајќи, силно ја удрив главата од вратата која води директно на сцена, а која е висока 1 метар и 85 сантиметри, наспроти моите 1 метар и 90 сантиметри. Ударот беше навистина силен, како и болката а богами имаше и крв насекаде, вели Нацоски и додава: „Во сета таа конфузија, за мене најважно беше да излезам на сцената и да не дозволам претставата да запре во никој случај, така што земав едно марамче, го ставив на главата и излегов на сцена на време. За некој како мене кој е буквално израснат во театар, претставата е нешто свето…
По претставата, Нацоски го прегледале повеќе лекари, му ја санирале повредата и оцениле дека и покрај длабоката рана не е потребно шиење.
– Денес се чувствувам добро и сум особено благодарен за огромната љубов и грижа која ми ја покажаа сите мои пријатели и колеги, Хорот, Оркестарот, солистите, вели Нацоски, кој е и амбасадор на македонската култура во Италија.
Репризата на „Турандот“ е утре, и Нацоски вели дека буквално едвај ја чека.
-По Тјанжин, заминуваме за Харбин до 2 јануари, каде што ќе настапиме во новата опера таму, нешто навистина од соништата, вели Нацоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


