Само неколку дена по изборите, веќе бевме сведоци на горкото покајание и на избликот на гнев на стотици веќе екссимпатизери на СДСМ, излажани граѓани, кои поверуваа во непостојната искреност и скрупули на муртинскиот лидер, гласачи што пост фестум ја сфатија тежината на продадената прикаска. Евтина прикаска, како тие на Тарантино, но во режија на еден друг негов неталентиран сонародник. Се извинуваме за инсинуациите, сценаријата на Квентин не ја навредуваат интелигенцијата. Можеби и би го привлекла „крвта на улиците и братоубиствената војна“ споменувана во преписките на Верушевски и на Заев и таа по статусите на Едмонд Адеми и во квазиколумните на некрофилот Тричковски, кој веќе не е пожелен ниту на погреби, но Тарантино, сепак, не би се нафатил да режира толку евтини и безидејни, а, сепак, толку високобуџетни трагикомедии.
Да, новата изрека во Македонија, која ја смени таа што долго време беше неприкосновена, востановена во жаргонот, е „по избори, нема каење“. Албанците барем добија – кој црни пари, кој ветувања за двојазичност и за редефинирање на државата, т.е. кој што си милува и за што се продава. Македонскиот дел, кој учествуваше во продлабочувањето на и така безобразно долгата и заморна криза, пак го доби „подолгото од трите“. Или „шипинки“, како што вели народот, кој носителот на СДСМ во „единицата“ миловно го нарекува стока. Но, тоа не им пречеше на споменатите да си гласаат за него, како и за двојазичност, за отворање на Уставот итн. Затоа што куририте повторно лажеа, а соросоидите не. Така кажаа вторите. А тие никогаш не лажат. Бесплатно, нели… Работата отиде дотаму што дел од народот веќе не им веруваше на сопствените сетила. Замајани од вечните извртувачи, кои секој ден имаа улога на демантирачи на сопствениот лидер, дел од граѓаните, очигледно, поверуваа дека партијата и лидерот имаат совест и дека не е возможно работата да се тера дотаму. Изјавите со кои Заев им даде непристоен предлог на Албанците, „професионалците“ ги преиначија во непријателска пропаганда. Демек, „куририте“ лажеле за да ги оцрнат толку невиното битие и беспрекорно чистиот образ на искрениот социјалдемократски лидер.
А истиот тој што зборуваше за „грдото лице на Македонецот“ ја покажа целата грдотија на своето. Замислете само, Заев не лажел? Првпат во животот ја кажувал вистината? Неверојатно, но вистинито. Да, ама не ги лажел само Албанците. Еден ден по изборите, Мухи се отвори, по него БЕСА, а јаготката на врвот од тортата беше „бакни рака“ на албанските лидери кај нивниот духовен татко Еди Рама. Или беа амбасадорите, кои фатија страна и како слепи за стап запнаа да ја протуркаат веќе проѕирната прикаска? Како и да е, ги пресече прогласот на ВМРО-ДПМНЕ. И така, почнаа „професионалните“ пискотници од Галичник до Река. Или беше од Брајчино до Брисел? Сепак, продолжението на антологиската поема „Сердарот“ на Прличев целосно се совпадна со состојбата во која западнаа современите Македончиња со соросоидна генеалогија на банкарското конто, многумина потомци на кодоши, а дел и тазе илустрирани. Што тешка несреќа ги збра и мажите, и жените, та гласи тажна ека и навева сал коб и зла? Праша Прличев, а одговорот на прашањето на поетот во македонското постизборно современие би бил: Искрен збор за амбасадорите жални, дарежливи спонзори на делото на Македончето невладино и професионално непрокопсано. За промена, ова не беше словенска, туку социјалдемократско-соросоидна антитеза. Шегата настрана, но одбранбената проамбасадорска тажаленка на македонската петта колона беше толку патетичен што предизвика огромен нагон за блуење кај останатиот, промакедонски настроен дел од популацијата. Пластично опишано, Македонецот блуеше, а емпатичното Македонче се потресе од сроченото со кое никаквеците ги бранеа своите мецени…
Заев се збуни пред Бејли, но каде исчезна амбасадорот во соопштението?
Од првата вечер,таа по изборите, лидерот на СДСМ си влезе во „шема“. Сопствена и неповторлива, се разбира. Така, поведен од насушната патолошка потреба, на три часа по изборите тој си излажа дека освоиле 52 пратеника, а ВМРО-ДПМНЕ 51. Гледате, како и во секоја лага, повторно имаше и малку вистина. Ретка можност за во антологија, но Заев не излажа. Да, Груевски освои 51 мандат. Е, кога сфати дека „чадорот“ го излажал и дека нема ништо од ветените 100.000 албански гласови, кои станаа „само“ 70 илјади, Заев ја смени плочата и засвири по старо. Де беа нерешено или 50-50, де Груевски немало да оформи влада и со 51, тужби итн. Прикаските немаа крај, како кризата наметната од нив, но Заев се отвори со Бејли. Така, тој во еуфорија од близината на возљубениот штитник од сонце, дожд и од зандана, запелтечи и на средбата (која, сосема „случајно“, беше на само еден ден по прогласот на ВМРО-ДПМНЕ) соопшти: „ Мнозинската волја на граѓаните мора да биде почитувана“ (соопштение на СДСМ по средбата на Заев со Џес Бејли). И додека сите се прашуваа на што е лидерот, стигна образложението. Во следната реченица тој дополни: „Мнозинството граѓани во Македонија избра промени на парламентарните избори“. Никому не му е јасно како е тоа возможно, но така вели тажната математика на Заев, која во никој случај не е весела, освен за него и за најблиското опкружување во врхушката . Па и да се фузирале со БЕСА, сестринска партија по албанофилија, двојазичност, менување на Уставот, редефинирање и кантонизација на државата, секако, не би биле победници. А ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА (па дури и Села) се дел од старата политичка констелација, можеби сите со намалени мандати од гласовите на Албанците за СДСМ, но тие што владееја досега (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со зголемените апетити додадени од мирисот на Заевите понуди кон Албанците) повторно имаат мнозинство, а Груевски и во мандати и во гласови го води за два пратеника или за дваесетина илјади гласови. Дали тажната математика на Заев се сведува на финтата дека нивните гласови се бројат „по два“, затоа што е немерлива Стевовата споредба на нивните граѓани и на другата „стока“? Како и да е, очигледно дека ниту Бејли не бил најнежен со разјарениот и разлажан лидер. Постои една класика, која се повторува секогаш кога некој ќе ги искара Заев и Шеќеринска, овој пат и Спасовски. Секогаш, по непишано правило, кога странскиот дипломат (бил Филе, по него Хан, а сега и Бејли) нема да им каже добар збор, т.е. ќе ги искара, исчезнуваат од соопштението на СДСМ. Така беше во минатото, а се случи и со американскиот амбасадорот, кој со ниту еден збор не беше споменат што кажал на средбата, освен дека бил на неа. Беше само приказ на Заевото ламентирање за изборите. Или, можеби, тоа што тој толку „храбро“ ја соопштил неаргументираната глупост пред заштитникот треба да биде доказ дека немо ја одобрува. Чудни се патиштата социјалдемократски…
Италијанскиот амбасадор наречен „алиби” ромео, не алфа…
Уште една класична манипулација стана очигледна и видлива од авион. Овој пат со амбасадор, но не и од амбасадор.Не зборуваме за идентичниот вокабулар на шведскиот амбасадор Стефансон, кој во интервју, без никаква провокација, плесна дека „Мнозинството се решило за промени“, а Заев го презеде кажаното и го тера исто без аргументи, затоа што така рекол амбасадорот, нели, а тоа е врвот на екстазата за Македончето. Настрана што Шведска беше една од опциите за европската страна на „чадорот“ поради вдомувањето на ексразузнавачот кај премиер левичар, исто како и во Италија (заб. на прев. од преписката на Заев и на Верушевски). Не, зборуваме за една уште почудна појава. Знаете, италијанскиот амбасадор Карло Ромео има чест да биде во Македонија само четири месеци, а во тоа кусо време истиот тој среќник имаше чест да стане лажно алиби за Заевото одложување на случајот „Поткуп“. Нејсе што е шесто по ред, овој пат е потврдено лажно. И додека јуришниците на СДСМ, кои имаа чест да бидат дел од ад хок телото за медиуми, тропаат понижувачки зелени за некаква „меморија на дождовни црви“ кај Македонецот (научно не е докажано дека црвите воопшто имаат меморија, со што, веројатно, целат на Нобелова награда за биологија) и констатираат дека, верувале или не, сме имале среќа што „Албанските гласачи, за разлика од македонските, немаат меморија на дождовни црви“, некој и ,навистина, навреди нечија меморија. Од една страна – што би очекувале од луѓе што имаат фабричка грешка во името на медиумот во кој претходно работеа, па така оформија „Сервис за проверка на факти во медиумите“, а за нивна жал фактите се неспорна вистина и не можат да се проверуваат, односно вистината е една, но, очигледно, не и за нејзините извртувачи и спонзорите од УСАИД. Од друга страна, поверојатно зборуваме за социјалдемократска умисла за „меморијата на златна рипка“ кај народот, која, според истражувањата (непотврдени целосно во зоологијата), трае три секунди, но, како и да е, таа е светски синоним за краткотрајна меморија. Дали на меморијата на златната рипка, на измислените дождовни црви, секако, не, играше и Заев? Па „мајка му стара“, макар била и млада (што би рекле пред кооперација) пред речиси една година ова време (поточно на 15 октомври 2015 година) истиот тој Заев и неговите адвокати се повикаа на средба со тогашниот италијански амбасадор Ернесто Масимино Белели за да одложат судско рочиште. Изговорот е повеќе од беден, но тогаш и сега има две разлики. И тогаш Заев доби одложување затоа што нашите судии се потресуваат од спомнување дипломати, кои имаат обичај да си одат на „поседок“ по судови, обвинителства, прес-конференции на СЈО итн. Тогаш се работеше за друг случај. Минатата година се „извадија“ на Белели за рочиште од „Пуч“, време кога уште копнееја Катица Јанева да го земе предметот. Сега се сигурни за „Пуч“, па се вадеа за „Поткуп“. Се извадија кај судиите, но не и кај јавноста. За нивна жал, Ромео да не ти бил Белели, туку малку поискрен.
Така, сижето на несудената љубовна драма „Ромео и Заев“, која во меѓувреме страна бурлеска, целосно смени жанр во моментот кога Карло Ромео јавно ја откажа и ја отфрли понудената љубов од Заев и на „Твитер“ искрено си напиша дека дента немал средба со никого и дека сѐ друго е целосно неточно. Сѐ ќе беше, можеби, и малку попристојно, доколку Заев не излажеше во низа – двапати во една иста изјава пред истиот суд. Бараше изоставување на обвинителот Владимир Милошевски од „Поткуп“, со образложение дека бил под истрага на СЈО на Јанева за кривично дело. За неполн час, го демантираше токму СЈО на Јанева?! Неверојатно, нели. Ако малку се вратите назад на претходните стотици лаги – во Тел Авив (го демантираше лично израелскиот министер Шалом), Љубљана („наместените“ од Груевски во Диво Насеље станаа терористи), Брисел (во изјава потврди дека зборувале со еврокомесарот Филе за решение за името, па го демантираше самата СДСМ) Скопје (три дена уривање влада со „бомбите“, нивно потекло – три извори сменети за еден ден, оставка доколку загуби на избори, трипати сменети цифри на „бомби“ и инволвирани во нив, десетици други итн.) размислете, чуму некогаш за што било би му верувале? Уште поконкретно, како ваков патолошки лажго успева трета година да ја држи Македонија во криза.
Во една работа, Заев повторно е во право и, за промена, не лаже. Лично изјави дека „рибата смрди од опашката“. Неточно од фразеолошки аспект, но точно од негов. Крајно време е некој да се смилува и да го симне од неа. За доброто на опашката.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 225. број на неделникот „Република“, 23.12.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.