| четврток, 6 декември 2018 |

Четири европски земји бараат од ЕУ да ги врати визите за Македонија

Германија, Австрија, Холандија и Велика Британија побарале суспензија на слободниот визен режим за Македонија и за Балканот, пишува „Дојче веле“.

– Укинувањето на слободното движење во Европа поради стотина сиромашни луѓе од Македонија кои бараат подобар живот во Германија го сметам за – авантуристички. Алармот на министерот Фридрих го гледам само како тема која е во контекст на престојните избори. Но, до толку повеќе е загрижувачки ако се знае дека германското МВР заедно со министерствата на Австрија, Холандија и Велика Британија со писмо испратено до претседателството на Европскиот совет бараат нова дискусија за еднострана суспензија на слободниот визен режим за Македонија и Балканот – изјави за „Дојче веле“ Мемет Килич, пратеник од Сојузот 90 зелени во германскиот Бундестаг.

Ова писмо било испратено на 25 април. Потписниците на писмото побарале од Ирска прашањето околу можното суспендирање на слободниот визен режим да биде ставено на дневен ред на состанокот на комитетот за правда и внатрешни работи закажан за средината на јуни.Според Килич, за ова мора да се произнесат и другите европски институции, но загрижува што поради барањата за азил од Балканот, за повторното воведување визи се залага најсилната држава во ЕУ – Германија. Барањето е потпишано и од министрите на Холандија и Австрија, но и на Велика Британија што е повеќе од чудно зашто македонските граѓани за патувања во Обединетото Кралство мораат да имаат визи – пишува „Дојче веле“.

Бројот на баратели на азил од Македонија во Германија е намален. Хаген Рајнхолд од пратеничката група на либералите во Бундестагот, за ДВ дополнува дека состојбата внимателно и натаму ќе се следи подвлекувајќи дека „визното олеснување било најдоброто нешто што му се случило на регионот“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top