| четврток, 6 декември 2018 |

Траумите од детството влијаат врз здравјето

Истражувањето покажало дека оние кои како деца имале шест или повеќе негативни искуства умираат речиси 20 години порано од тие кои немале трауми

Малтретирањето во детството може да остави долготрајни лузни, да ја оштети перцепцијата за светот и да го постави мозок во состојба на самоуништување, се наведува во една австралиска студија.

Истражувањата покажале дека траумите од детството, како сексуално злоупотребување, развод на родителите или алкохолизмот во домот, го зголемуваат ризикот од болести на срцето, мозочен удар, депресија и дијабетес подоцна во животот. Освен тоа, траумите го зголемуваат и ризикот за пушење, често менување на сексуалните партнери, а дури придонесуваат и за покус животен век.

Истражувањето покажало дека тие што како деца имале шест или повеќе негативни искуства умираат речиси 20 години порано од тие кои немале трауми.

Исто така, трауматизираните деца често немаат доверба кон другите луѓе, главно поради тоа што ги предале возрасните кои требале да ги чуваат и заштитуваат, тврди австралиска група за поддршка на злоупотребувани лица „Блу нот фондејшн“.

Студијата, која била спроведена на 21.000 луѓе на возраст од над 60 години, кои биле злоставувани во детството, покажала поголема стапка на пропаднати бракови или врски, а таквите лица за себе обично велат дека „не се баш среќни” или дека „воопшто не се среќни”.

Другите проблеми со кои трауматизираните деца главно се соочуваат се депресија, анксиозност, дрога, алкохол, зависност од коцкање и купување, како и недостиг на самодоверба.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top