По само четири дена од најавата дека ќе бидат објавени нови снимки на прислушуваните разговори, на социјалните мрежи се случи нов скандал, на кој не реагира ниту МВР ниту Специјалното јавно обвинителство. Од завчера, на неколку фејсбук-страници може да се слушаат неколку разговори на лидерот на опозициската албанска партија ДПА Мендух Тачи и новинарката Оливера Трајковска.
Се работи за три разговори, кои незаконски се снимени пред минатите избори, а сега се објавени на фејсбук- страницата Opozita Shqiptare e Maqedonise и на Lirim Ilirida. Не е познато кој ги објавил овие разговори. Но, на оваа социјална мрежа може да се види дека фејсбук-страницата Opozita Shqiptare e Maqedonise е од постар датум и оти има дури 28.645 поддржувачи. На ова страница, покрај нејзиното име може да се забележи и ознаката дека е kundermaqedonise, односно „противмакедонија“, пишува Дневник.
За разлика од неа, фејсбук-страницата Lirim Ilirida е нова и очигледно е направена со цел преку неа да се објават најновите снимки на прислушуваните разговори. Снимките и вчера можеа да се слушаат при што се гледа дека првата по ред веќе имала околу 15.000 преслушувања.
-Новите снимки се објавени и покрај заканата од затворската казна од пет години, која е предвидена со последните измени на Kривичниот законик. Објавувањето вакви материјали, наместо по приватна тужба, се гони по службена должност од јавен обвинител. Сторителите, очигледно, не стравуваат од никакви санкции бидејќи МВР досега, цели десет месеци по појавувањето на снимките на приватни разговори на македонски бизнисмени, новинари и јавни личности, кои не беа дел од снимките што ги објавуваше опозицискиот СДСМ, не успеа да открие ниту еден сторител, пишува Дневник.
Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, на почетокот на април годинава, кога исто така ја извршуваше оваа функција врз основа на пржинскиот договор, соопшти дека тие како МВР побарале од социјалните мрежи да ги отстранат нелегалните разговори. Меѓутоа, и покрај тоа што социјалните мрежи побрзо реагираат кога зад барањата за отстранување на снимките, фотографиите и слично стојат државни институции, тоа сега не се случи.
Дневник“ минатата недела објави дека нови снимки на незаконски прислушувани разговори наскоро повторно ќе бидат пуштени во јавноста, а се однесуваат на врвот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и на бизнис-секторот близок до неа. Ваква најава била објавена од анонимното лице што се потпишува како „Никола Тесла“, а кое досега стоеше зад пуштањето повеќе снимки на прислушувани разговори, кои почнаа да се објавуваат во јавноста преку социјални мрежи од почетокот на годинава.
Во дописот што беше испратен до порталот „Револуционер.Мк“ се наведува дека одлуката да се почне со повторното објавување на снимките е донесена по завчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ и настапот на Владимир Ѓорчев. На почетокот се потсетува дека првите разговори беа пуштени со цел македонските граѓани да видат на кој начин се водела државата изминативе десет години. Потоа тоа лице прекинало со објавувањата за да не го попречи спроведувањето на пржински договор.
-Заканата изговорена од Влатко Ѓорчев, а нарачана од лицето НГ ја прелеа чашата со што ви најавувам нова серија на мегаскандали што се правени од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, бизнис-секторот близок на таа политичка партија. Сите вие ќе ја дознаете вистината за работењето на судовите во Македонија, а нема да го изоставам овој пат и новинарството се разбира, се наведува во писмото.
Авторот наведува дека снимките, во кои ќе се објават и скандалите со сексуалната ориентација во врвот на владејачката партија, ќе бидат објавени наскоро.
Но, од три нови снимки не може да се заклучи дали истото тоа лице, односно, центар што располага со многубројни снимки на прислушуваните разговори, стои зад ова објавување. Односно, можно е да се работи и за други лица, кои, како и „Никола Тесла“, располагаат со снимки на прислушувани телефонски разговори. Познато е, по објавувањето на прислушуваните разговори од опозицискиот СДСМ и нивното предавање на Специјалното јавно обвинителство, во јавноста почнаа да се појавуваат и други снимени разговори. Тие не само што почнаа да се пуштаат по социјалните мрежи, туку слободно можеа и да се купуваат на разни локации во земјава по цена од 100 до 300 денари за едно цеде.
По паузата од шест месеци ова е нова најава од „Никола Тесла“ дека ќе објави нови снимки. Последен пат тој ова го најави во април годинава, но тогаш, веројатно, поради случувањата околу одлагањето на парламентарните избори, тоа не се случи. Инаку, познато е дека првите снимки на разговори на социјалните мрежи „Јутјуб“ и на „Фејсбук“ почнаа да се објавуваат во февруари годинава. Тие се однесуваа на приватните разговори меѓу уредникот на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ – Латас и сопственикот на медиумот, Горан Иванов, на разговорот меѓу Павловиќ и Ивона Талевска, главен и одговорен уредник во дневниот весник „Вечер“, како и меѓу првиот човек на скопска Kомерцијална банка, Хари Kостов, и Бранко Бојчевски, основач на агенцијата за обезбедување „Оса“.
Сите овие снимки и натаму може да се слушаат преку социјалните мрежи и покрај најавите од МВР и од Специјалното јавно обвинителство дека ќе преземат с` што е потребно да се открие личноста што ги објавува и да се оневозможи нивното натамошно објавување. Од овие органи с` уште нема никакво објаснување до каде стасале во истрагата иако засегнатите граѓани поднеле барање за отворање кривична постапка за објавени разговори на „Јутјуб“ од анонимно лице потпишано како Никола Тесла. Некои од снимките на разговорите се веќе преслушани од повеќе од 150.000 лица.
Последен пат, нови снимки се појавија минатиот месец, а се однесуваа на незаконски снимани разговори на функционери на ДУИ од страна на непознати лица. Снимките се првично објавени на фејсбук-страницата насловена „Скандалозе“ и го носат датумот 20 ноември 2016 година. На неа можат да се слушнат повеќе разговори што се водени и на албански и на македонски јазик. Претходно, во април годинава од партијата ДУИ за „Дневник“ изјавија дека и до половина милион евра им било барано на функционери на ДУИ за во јавноста да не излезат компромитирачки снимки со приватни разговори, додава Дневник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МВР потврди: Лице од битолско виновен за оштетените камења на македонско-грчката граница
-
Притворен Сашо Мијалков по барање на СЈО
-
Кривичниот совет ги одби жалбите и го потврди притворот за случајот „Империја“
-
МВР: Добивме потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил