57 новинари загинале при работа во 2016 година, објави „Репортери без граници“. Минатата година беа убиени 57 новинари, а и натаму најопасни зони се државите зафатени со воениот виор.
Сирија останува „пекол“, каде што годинава се убиени 19 новинари, потоа следува Авганистан, каде што загинале 10 репортери. Во Мексико животот го загубиле 9, во Ирак 7, а во Јемен загинале 5 новинари, наброи организацијата.
Покрај нив, годинава настрадаа и 9 блогери и 8 соработници на медиумите, со што вкупно 74 известувачи се убиени „поради извршување на својата мисија за информирање“, стои во овогодишниот црн биланс.
Помалиот број новинари-жртви споредено со лани се објаснува со фактот дека сѐ повеќе новинари бегаат од државите кои се премногу опасни за работа, како што се Сирија, Ирак, Либија, но, од друга страна, Јемен, Авганистан, Бангладеш и Бурунди се претворија во делумно „црни дупки за информирање, каде што владее неказнивоста“, стои во извештајот.
Речиси сите новинари годинава загинале во своите земји, освен четворица кои загинале на работа во странство.
Со 19 жртви годинава и 9 минатата година, Сирија е држава во која загинале најмногу новинари во светот.
Со 9 убиени новинари годинава, Мексико останува држава со најмногу жртви од оваа професија во Америка, истовремено и земја каде во мир има најмногу жртви меѓу новинарите.
Над 780 новинари се убиени последните 10 години заради извршување на својата работа, додава „Репортери без граници“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.