Во понеделник на 19 декември, православните верници во Македонија ја чествуваат најчестата слава во македонските домови, Свети Никола.
Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода. Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле…
Истражувачите на народниот живот истакнуваат дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со Св. Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања, и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристјански јунак на морињата, водите и ветровите.
Станува збор за посна слава па на трпезата ќе доминираат посна сарма, посно гравче, риба.
БЕЛ ГРАВ
Потребни ви се 1/2 килограми бел грав, 250 грама кромид, 1 морков, 1 сува пиперка, 2 лажици брашно.
Потопете го навечер гравот во вода до утрото. Наутро ставете го во друга вода и оставете го да врие. Повторно исцедете го и ставете нова вода. Додајте ги зеленчукот и зачинот и варете. Потоа, брашното разматете го во малку вода, и додајтеја смесата во гравот.
КНЕДЛИ ОД КОМПИР
Потребни ви се 500 грама компир, 500 грама брашно, малку презла и сол.
1/2 килограми компир да се сварат со лушпа, потоа да се одлупат, посолат и замешаат со брашното. Извадете форми и ставете ги во солена вода. Кнедлитесе направени кога ќе излезат на површината на водата. Извалкајте ги во презла и послужете ги како прилог.
САРМА- Состојки:
4 главици кромид со средна големина, 2 стапчиња праз, 5 средни моркови, Малку магдонос, 4 чешниња лук, 500g ориз, 1 компир, 2 главици кисела зелка, Брашно, Вегета, Црвен пипер, Сол и бибер
Подготовка:
Во поголем сад ставете масло со дебелина од 1 прст. На маслото пропржете го кромидот со празот.
Оризот потопете го во вода.
Лукот ситно исечкајте го, морковот, целерот и магдоносот крупно изрендајте ги и додадете ги сите зеленчуци во пропржениот кромид и праз.
Потоа додајте го процедениот ориз и динстајте 10тина минути.
Тргнете ја мешавината од рингла и зачинете, па додадете го изренданиот компир и 1 рамна лажица брашно.
Одвојте ги листовите од зелка и започнете да ги мотате сармите.
Прелијте ги со вода, покријте ги со неколку цели листови зелка и печете.
Најдобро е да ги печете во земјен сад кој ќе го покриете со фолија. Оставете ги сармите 4 часа на 150 степени.
Има милион рецепти за посни сарми кои може да ги пробате оваа зима, но ако сакате да послужите совршени сарми за Свети Никола, ова е единствениот рецепт кој ви треба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.