| четврток, 6 декември 2018 |

Дури 56.560 кандидати се борат за локалната власт во Хрватска

Во Хрватска денеска се оддржуваат избори за локалната и регионалната самоуправа на кои 3,7 милиони граѓани со право на глас на околу 6.000 избирачки места ќе бираат жупани, градоначалници, началници на општини, нивни заменици од редовите на националните малцинства, членови на општинските и градските совети и жупаниски собранија.

За гласовите на избирачите се борат вкупно 56.560 кандидати од 104 партии и 498 кандидатски листи на групи избирачи.
Предложени се вкупно 3.205 кандидатски листи, од кои 2.707 партиски (1.816 самостојни партии, а 891 коалиции) и 498 листи на групи избирачи. Вкупно има 2.240 кандидатури за извршни функции, од кои 1.799 се партиски (1.044 самостојно и 745 коалиции), а 451 од групи избирачи.

На овие избори за прв пат истовремено со извршните и претставничките органи во сите средини каде за тоа постојат законски услови, ќе се избираат и заменици на жупани, градоначалници и началници на општини од редовите на националните малцинства.

Од вкупно 75 такви функции, 39 им припаѓаат на Србите, а за нив има 101 кандидат. Покрај Србите, свои заменици ќе имаат и Чесите, Италијанците, Унгарците и другите национални малцинства. Од друга страна, во местата во кои Хрватите се во малцинство, ќе се избираат заменик на општината или градот од нивните редови.

Државната изборна комисија предупредува дека на припадниците на малцинствата избирачките листови за заменици жупани, градоначалници и началници на општини од нивните редови согласно законот за локални избори им се издаваат само на нивно барање. Поради ова, од избирачките одбори се бара на таквите места да постават соодветни огласи со упатство до избирачите на националните малцинства за начинот на остварување на нивното избирачко право.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top