| четврток, 6 декември 2018 |

Ново правило: Кафеанџиите и слаткарниците ќе кажуваат дали храната има алергени

Oд денеска jасно наведено потекло, алергени, нутритивни табели, отстапки во нето-тежината, и тоа со болдирани букви или со букви во друга боја треба да осамнат на нова амбалажа на сите производи во земјава.

Со новите законски обврски операторот со храна треба на секоја декларација да обележи дали производот содржи глутен, дали има остатоци од алергени, а не како досега кога потрошувачот губеше време барајќи ги потребните информации.

Освен на амбалажите, нутритивните својства на храната треба да ги има и во сите ресторани, ланч-барови и продавници за брза храна. Ова практично значи дека муштеријата треба да биде запознаен со потеклото на месото на секоја порција, на која температура се чува тоа. На посебни табли, на секоја маса или на менито – изборот се остава на сопственикот. Алергените и другите додатоци во храната треба да бидат обележани и во сите продавници за бели печива.

Потребно е да се означат и енергетската вредност, мастите, заситените масни киселини, јаглеродните хидрати, шеќерите, протеините и солта.

Рестораните ќе бидат обврзани на информативни табли да ги наведат потеклото, нутритивните табели, супстанциите што предизвикуваат алергиски реакции, боите и другите составни делови на целата храна што ја служат.

Информативни табли мора да има и во слаткарниците што продаваат спакувана храна, продавниците за деликатеси, сендвич-баровите со места за храна за носење, детските градинки, старските домови и добротворните институции, каде што храната е бесплатна.

Во согласност со новата законска регулатива дефинирани се и казни за непочитување на одредбите – 3.000 евра за правни лица, 1.000 евра за одговорно лице и 500 евра за физичко лице.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top