| четврток, 6 декември 2018 |

Билиќ со емотивна порака им го посвети бодот од „Енфилд роуд“ на настраданите во Истанбул

slaven-bilic

Вест Хем освои голем бод на гостувањето на „Енфилд роуд“ само седум дена по дебаклот кој го доживеа од Арсенал на домашен терен од 1-5. Искрена и задоволна беше реакцијата што ја упати менаџерот Славен Билиќ кон своите фудбалери, кој се надева дека овој резултат ќе биде пресвртница во сезоната која досега не е баш најдобра за „чеканите“.

Лондонскиот тим одигра 2-2 на гостувањето кај големиот фаворит и дури може да жали за тоа што не освои уште два големи бода, од едноставна причина што израмнувачкиот гол кој го постигна Ливерпул дојде по една неверојатна грешка на голманот Рендолф.

Билиќ покажа класа на прес-конференцијата посочувајќи дека не му замерува на Рендолф за лошата реакција, но, од друга страна, пак, ја воодушеви комплетната спортска јавност со емотивната порака која ја испрати за жртвите во саботниот терористички напад во Истанбул.

– Тоа што се случи во Турција едноставно многу ме погоди. Сакам да им го посветам овој голем бод на луѓето во Турција, земја во која јас и моите најблиски минавме две прекрасни години. Сочувствувам со нив, моите молитви одат за нив. Тоа што се случи е неверојатно, навистина е многу тажно она што се случува во еден од најдобрите градови во светот. Во Турција луѓето се толку добри, толку пријателски расположени, навистина топли. Се кршам на половина кога слушам вакви работи, сакам да испратам сочувство до најблиските на загинатите во нападите – истакнал поранешниот тренер на Бешикташ пред англиските новинари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top