
Загрепскиот весник „Јутарњи лист“ дошол до документи кои потврдуваат дека дружавни структури во СФРЈ организирале шверц на разна роба која ја пренесувале во странство. Весникот наведува дека со заработката од шверцот се купувала опрема за тајните служби.
„Јутарњи лист“ за овие информации се повикува на документи на Службата за државна безбедност и други тела на СФРЈ. Дел од записите се наоѓаат во словенската архива.
– Од тие документи се гледа дека во државна режија се криумчареле цигари, кафе, алкохол како и злато, скапоцени камења и морфиум. За шверцот биле користени пристаништата во Риека и Копер, наведува весникот.
Се истакнува дека во извештаите на високи државни службеници во тоа време, првенствено тогашниот секретар за внатрешни работи, јасно се гледа дека се работело на нелегални бизниси.
Постои документ во кој Сојузното извршно собрание со одлука забранува „транзит на цигари во Италија и слични трансакции“. Во него директно било наведено дека на сите фирми кои тргувале со Италија треба да им биде забрането да учествуваат во било какви зделки со цигари. Сепак, пишува Јутарњи, шверцот продолжил и по одлуката на Собранието. Во 60-тите години монополот со илегалните бизниси и извоз на забренети стоки го имал „Генералекспорт“, по што му се приклучиле уште неколку фирми.
Според записите, се шверцувало и кафе како и алкохол во Германија и злато во Индија за каде било планирано да се носат и драгоцени камења.
– Во Индија требало да се транспортираат необработени драгоцени камења, потврдиле управителите на Голи оток во еден од извештаите од 1964 година, во кој додале дека „во тек е и работата со морфиумот од Македонија“.
Од сите тие заработки, како што можело да се види во документите, плаќана била различна шпионска опрема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


