Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска гласаше на избирачкото место 2571 во ОУ „Мирче Ацев“, општина Ѓорче Петров.
– Македонија денеска гласа на 9. парламентарни избори. Секогаш кажувам дека граѓаните на Република Македонија знаат да изберат и да ја донесат својата одлука. Така и на овие парламентарни избори, рече Вељаноски.
Тој додаде дека е задоволен од текот на изборната кампања и од денешниот ден на изборите и изрази надеж дека дека така ќе биде и до крајот на денот.
– Посакувам, најискрено посакувам, и тоа е добро за Република Македонија, по завршувањето на изборите, по пребројувањето на гласовите, поразениот да излезе и да му честита на победникот. А победникот да работи понатаму за доброто на Република Македонија, да престане вештачко наметната политичка криза и да продолжиме ние да работиме за доброто и за економски просперитет и на граѓаните и на Република Македонија. Тоа е наша должност како политичари да го направиме, истакна Вељаноски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што очекува од изборите и дали тие биле потребни, Вељаноски рече дека тоа е прашање на минатото.
– Денешниот ден е изборен ден. Денеска граѓаните одлучуваат и тие најдобро ќе ја дадат одлуката дали биле нужни, неопходни. Сите ние треба да ја почитуваме таа одлука. Како што кажав, тоа е одлука која ќе биде за добробит на сите граѓани на Република Македонија. И ние како политичари треба да го почитуваме тоа и да работиме и за граѓаните и за Република Македонија, рече Вељаноски.
Додаде дека очекува и посакува по овие избори да заврши политичката криза.
– Да ја почитуваме волјата на граѓаните на Република Македонија. Таа одлука што ќе ја донесат граѓаните, да биде поука за сите политичари кои учествуваат во изборите, и за поразените и за победниците, рече Вељаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.