| четврток, 6 декември 2018 |

Изборот е меѓу Македонецот и Македончето

Малкумина во Македонија знаат кој е Михаил Кошински, уште помалку знаат за Александар Џејмс Ешбрнер Никс, луѓето што користејќи ја дигиталната технологија ја овозможија или значително ја помогнаа победата на Доналд Трамп на изборите за претседател на САД. Луѓето што ја поставија основата на која подоцна се надоврзаа огромен број консултанти и поддржувачи на новиот американски претседател и успеаја да ги испратат во историјата Хилари и кланот Клинтон. Кошински е професор на универзитетот „Стенфорд“, научник од Полска кој е водечки светски експерт за психометрија, дел од психологијата што се занимава со анализа на податоци поврзани со корисниците на социјалните мрежи за да ги утврди нивното поведение и профил, вклучително и изборот на политички одлуки. Вториот, Британецот Александар Џејмс Ешбрнер Никс, е извршен директор на компанијата „Кембриџ аналитика“, кој со помош на револуционерната методологија на Кошински преку анализа на дигиталната комуникација на американските гласачи успеа да го смени текот на историјата во која и покрај предвидувањето на сите релевантни американски статистичари и медиуми веќе нема место за големиот фаворит Хилари. Кошински, кој се противи на злоупотребата на неговата наука за политички цели, и Никс, кој користејќи ја истата го доведе Трамп во Белата куќа, се главните играчи во таканаречениот концепт „Big Data“ (Големи податоци) преку кој кампот на Трамп успешно вршел влијание на изборот на Американците на претседателските избори. Овој концепт се базира на тезата дека сѐ што правите како корисници на социјалните мрежи, од „лајкови“ до отворање профили и споделување објави, остава дигитална трага и на крајот, ако соодветно се анализира, може до детали да ве опише каков сте како родител, како студент и, пред сѐ, како гласач

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Македонските студенти од Велес што се прославија за време на американските претседателски избори, всушност, се само мал дел од корисниците на моделот за влијание врз гласачите поставен од Кошински, комерцијализиран од Никс, а диригиран од кампањата на Трамп. Суштината на моделот е преку вашето поведение на „Фејсбук“ или на „Твитер“ да бидат откриени вашите политички преференции и преку нудење информации што вие сакате да ги чуете, практично да бидете наведени да гласате за одреден кандидат.

Од тоа што досега можеме да го видиме во кампањата за македонските избори, може да се заклучи дека Зоран Заев и неговата екипа за кампања или не чуле за овој концепт или чуле, но, навикнати секогаш да одат спротивно од секоја логика и наука, во својата изборна реторика ги користат работите што не сака да ги чуе ниту просечниот македонски гласач ниту членовите на СДСМ.

Објективно, ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ нема пристап до револуционерните дострели на психометријата која во ваков обем и на таква длабочина првпат е искористена на изборите во САД, но чудно е зошто за дел од македонските политички фактори ниту на ниво на политички инстинкт не се користи здравиот разум, кој е суштина на идејата за дигитализација на човековото однесување како политичка единка.

И, навистина, ќе биде интересен денот кога Зоран Заев искрено ќе почне да дава одговори зошто се решил да зборува за двојазичност кога не е потребна никаква наука за да се сфати дека повеќе од 90 проценти од Македонците се алергични на ова прашање. Дури и да не е точно дека Заев сака двојазичност, кантонизација и федерализација, навистина би било интересно да се чуе зошто воопшто го отвори ова прашање кога морал да знае дека самото ставање високо на агендата ќе му ја запечати судбината. А, во исто време, сите бевме сведоци дека самиот тој, без никој да го испровоцира, го наметнуваше со денови, недели и со месеци и во албанските и во македонските медиуми. Истовремено знаејќи дека само мал дел од Албанците, не повеќе од еден процент од вкупниот број гласачи, би гласале за него.

Заев знае дека на оваа тема не може да се вади на револуционерност и визионерство затоа што ако навистина е „голем и искрен човек“, како што се обидува да го претстави неговата кампања, тој никогаш во животот немаше да зборува за „јадење живи луѓе“ и „менување вработени, од чистачката до директорите, за да дојдат наши луѓе кога ќе дојдеме на власт“. Единственото логично објаснување што може да го даде на оваа тема е дека го натерал некој од надвор, некој од тие што „ќе застанат“ зад него кога ќе треба. Во ова објаснување има само еден мал недостаток и голем ризик, и според Уставот на РМ и според менталитетот на Македонецот, тој што се ујдисува со странци за да наметне политички решенија спротивни на националните интереси, може да биде суден за национално предавство од кое нема да може да го аболицира ни Господ Бог.

Тоа што Заев и неговата кампања нѐ сметаат за „небањати“ и пониска класа сите нас за кои националните прашања се поважни од останатите политички прашања во државата, не би било толку страшно доколку Заев навистина веруваше во тоа што го зборува. Но, кога ќе видите дека единствениот капиталист на чело на Социјалдемократска партија во Европа на својата листа има едвај двајца Албанци на реално добитни позиции, тогаш сфаќате дека не се работи ниту за искреност, ниту за чесност, ниту за идеали, ниту за македонско-албанско братство, туку единствено за начин да се дојде до власт.

Македонскиот народ можеби е небањат, можеби делумно заслужува да го именуваат со деминутивот „Македонче“, можеби не може да ги разбере идеите на големиот визионер од Муртино, можеби е заслепен од вмровската пропаганда, но ни оддалеку не може да се смета за недоветен. Народот што преживеал толку многу маки во својата историја, народот што е еден од ретките феномени на светско ниво и станал нација без да има своја држава, не може да го прелаже ниту Заев, а се сомневам и за психометријата на Кошински и на Никс.

kol223-1-2

Причините за поразот да ги бараме во себе

Тука Заев треба да ги бара причините за поразот што му следува в недела. Во своите погрешни проценки за капацитетот на Македонецот да види што е подобро, а што полошо, што е корисно, а што штетно за него, за Македонија, за идните поколенија. Што е реално, а што е илузија.

Овие избори за сите инволвирани се втор референдум, историско прегласување и пресвртна точка во историјата на Македонија. Делумно тоа е точно, се работи за важен момент за македонската историја во која многумина очекуваат финална битка меѓу Македонецот и Македончето, битка која се води некаде од крајот на 19 век, па сѐ до ден- денешен.

За авторот на овие редови таа битка не може да биде одлучена в недела, пред сѐ затоа што поразениот, навикнат да губи и повторно да бара реванш, нема да се откаже од правото да го малтретира македонскиот народ дури и кога ќе прими директна порака дека не го бидува. Особено ако лидерството со некогаш почитуваната и „државотворна“ СДСМ е гарантирано со банкарски гаранции. Јавна тајна е дека СДСМ ќе има проблем да опстои како правен субјект и функционална политичка партија без финансирањето од Заев.

Ниту моделот на Кошински и на Никс не може да ви помогне ако лажете

Домашните и странските советници што имаат некој свој модел врз основа на кој СДСМ му се обраќа на граѓанинот знаат дека психометријата во каков било облик и да е не функционира ако пораките ги испраќа политичар што има дебело јавно досие на ноторен лажго. Иако политички недоветен, Заев како бизнисмен што врти милиони евра „во режимот“ на политичкиот ривал Груевски морал да знае дека врши политичко самоубиство кога прво јавно на ТВ кажа дека ќе се менува Уставот за да се обезбеди двојазичност, а потоа на цел глас на митинг викаше дека нема да дозволи никој да го менува Уставот. Освен ако планот на Заев не е самиот да седне и да го ревидира Уставот на Република Македонија, неговото „салто мортале“ е логично колку и бундата на Амди Бајрам среде јулското сонце. И неговите советници мора да знаат дека алгоритмите можат да помогнат при изборот на ветувањата, но не можат да го убедат гласачот дека ветувањата ќе бидат навистина остварени.

Да биде апсурдот целосен, на Заев не може да му се верува ниту кога најавува дека ќе ѝ направи штета на ВМРО-ДПМНЕ. По кој знае кој пат деновиве слушавме закани од него и од негови блиски луѓе дека ќе ти објави бомбите поврзани со убиството на Мартин Нешковски, велигденскиот масакр врз четирите деца од Радишани и рибарот од Црешево и смртта на Никола Младенов. Манипулирајќи со чувствата на родителите на Нешковски, фамилиите на убиените Филип, Александар, Цветанчо, Кире и Борче кај Смилковско Езеро, со семејството на Никола Младенов и злоупотребувајќи ги илегално собрани материјали со кои се заканува, но не ги објавува, Заев уште еднаш покажа дека целта не му е да се открие целата вистина, туку да остане релевантен во политиката, цел која тешко му оди дури и со поседување и користење прислушувани материјали. Токму поради тоа Заев ќе мора да замине од политиката или ќе мора да причека на нова шанса во која ќе се обиде да го убеди народот во неговите искрени намери.

(Текст објавен во 223. број на неделникот Република, 9.12.2016)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top