Лозарите почнаа да ги добиваат парите за откупеното грозје. Исплатата почна иако крајниот рок до кога винарите треба да ја исплатат првата рата за откупеното грозје во изминатата сезона е 15 декември.
– Наближува терминот до кој, според законот, винарите мора да ја исплатат првата рата. Се надеваме дека ќе ги испочитуваат законските одредби и ќе го платат навреме родот произведен со мака и пот. Веќе се почнати активностите во лозовите насади за следната производствена сезона, па неопходни ни се финансиски средства – изјави вчера претседателот на Регионалниот сојуз на лозари „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов.
Според него, за да ја извршат навреме резидбата, лозарите од Тиквешијата го почнаа кроењето на виновите лози.
– Оние што имаат големи плантажи не можат да го чекаат 14 февруари и верскиот празник „Свети Трифун” кога традиционално, на симболичен начин, стартува закројувањето на лозјата зашто, во тој случај, нема да стигнат навреме да ја извршат резидбата – рече Аризанов.
На лозовите плантажи во Македонија годинава беа собрани околу 180 милиони килограми винско грозје. Дел од нив се пласираа во странство, а дел во домашните преработувачки капацитети.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, неодамна објави добра вест. Ќе има 3 милиони евра дополнителни субвенции за лозарите.
– Веднаш по формирањето на нова влада ќе издаде ново субвенции за лозарите и тоа за оние коишто имаат до 0,5 хектари додатно ќе добијат 20.000 денари, од 0,5 до 1 хектар дополнителни 15.000 денари, а за оние од 1-5 хектари дополнителни 10.000 денари – најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на неодамнешниот митинг во Кавадарци.
Оваа одлука, појасни тој, е како резултат на тешкотиите со кои се соочуваат лозарите.
-Со овие дополнителни 3 милини евра или 180 милиони денари и заедно со претходните кои се основна субвенција за лозарите ќе бидат достапни вкупно 460 милиони денари субвенции за оваа намена – рече Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.