| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се бориме за повторно да ја израдуваме Македонија

01

Фудбалските младински репрезентативци до 21 година ги добија своите противници со кои ќе ги одмерат силите на Европското првенство во групата Б во Полска следната година на историскиот прв настап на наша селекција на големо фудбалско натпреварување. Гигантите од Пиринејскиот Полуостров, Шпанија и Португалија, ќе бидат нашите противници, а помеѓу тие два меча македонските фудбалски надежи силите ќе си ги одмерат со репрезентацијата на Србија.

Селекторот на младинците, Благоја Милевски, кој ја предводеше нашата делегација на ждрепката во Полска, за „Република“ вели дека иако ќе се сретнеме со исклучително силни репрезентации, нашите играчи ќе бидат подготвени за битка и верува дека може да се оствари голем резултат на големата сцена во Полска.

– Ги добивме репрезентациите што се во најдобрите пет европски селекции според квалитетот на младинскиот национален фудбал. Ова е вистинска можност да се претставиме во уште подобро издание. Македонија заедно со Полска на извлекувањето беше најспомнуваната селекција, а тоа говори за нашиот квалитет. На Европското првенство е собрана елитата, ова е последниот филтер пред да го добиеме континенталниот првак и навистина беше неблагодарно да прогнозиравме во однос на нашите евентуални противници. Ќе се бориме и ќе се обидеме одново да ја израдуваме јавноста. Португалија, Шпанија и Србија, тоа се репрезентации со кои имаме лошо наследство од претходните генерации и вкупен биланс во квалификациите од само две нерешени средби и осум порази во категоријата на играчи до 21 година. Но, сега имаме нова генерација, која не респектира премногу, си ги знае своите квалитети и ќе биде подготвена за битка во Гдиња и во Бидгошч. Целта е да одиграме на наше ниво, со многу залагање, труд, со почит кон дресот, а дали тоа ќе биде доволно за нови позитивни резултати, ќе покаже главниот турнир. Во оваа репрезентација знаеме што е чест, што е срце, што е почит, што е вистинска, безусловна љубов. Продолжуваме да веруваме во големи резултати – вели селекторот Милевски за противниците од нашата група.

02

Според него, по остварените одлични резултати во квалификациите, противниците нѐ гледаат со поинакви очи и никоја од репрезентациите учеснички на ЕП не може да смета на гарантирани три бода, без разлика кој е противникот.

– Верувајте, сега сите нѐ гледаат со поинакви очи. Ова е собир на најдобрите 12 репрезентации и секој што мисли дека може да смета на однапред добиени три бода е во голем проблем. Македонија е во најтешката група, со тимови во кои има таленти и млади

ѕвезди кои настапуваат во големи клубови и играат во натпреварувања какви што се Лигата на шампионите и Лигата на Европа, но докажавме низ квалификациите дека тоа не мора да значи однапред победа за противникот. Најважни сме ние, нашиот тим, нашата енергија, нашата подготвеност – додава Милевски.

Тој го посети и стадионот „Мијески“ во Гдиња, Полска, каде што македонската репрезентација ќе го има историскиот прв настап на Европско првенство против Шпанија. Како што вели Милевски, стадионот е многу функционален, може да прими 15 илјади гледачи и ги има сите потребни услови за големи натпревари, а се надева дека и Полјаците ќе бидат на наша страна.

03

И од Фудбалската федерација на Македонија велат дека одличните настапи и доминацијата во нашата група во квалификацискиот циклус ни даваат право да бидеме оптимисти и очекуваат одличен турнир во Полска.

– Играчите покажаа дека знаат, можат и сакаат да победуваат, видовме дека имаме талент, но и карактер да се носиме со тешки ситуации. Во квалификациите за пласман на ЕП 2017 Македонија заврши на првото место во групата. Како прва македонска репрезентација што обезбедила место на Европско првенство, младинците забележаа најдобра резултатска серија од 11 натпревари со 7 победи, 5 ремија и 1 пораз, најдолга серија без пораз на домашен терен (две години и еден месец), но и најдолга серија без пораз на една наша репрезентација во која било возрасна категорија – 10 меча. Исто така, репрезентативците до 21 година беа најдолг временски период без пораз во континуитет (една година и три месеци) и селекција со најмногу освоени бодови во еден квалификациски циклус. Им посакуваме многу среќа на Европското првенство. Очекуваме одличен турнир, а како и да заврши веќе можеме да бидеме горди на репрезентацијата – велат од ФФМ.

На ЕП во Полска, кое ќе се одржи од 16 до 30 јуни, ќе има три групи со по четири репрезентации, а победниците на групите и најдобрата второпласирана селекција ќе играат во полуфинале.

 УЕФА: Благоја Милевски, чудотворецот

Комплименти од УЕФА стигнаа на адреса на македонската млада селекција, а овој пат во фокусот беше селекторот Благоја Милевски. Во статијата на официјалната страница на УЕФА тој е претставен како творецот на македонската фудбалска бајка.

Европската куќа на фудбалот подготви приказна за највпечатливите фудбалски ликови во квалификацискиот циклус што заврши успешно за Македонија.

– Благоја Милевски е вистински чудотворец, а Македонија е најголемата сензација во квалификацискиот циклус. Младиот селектор на чудесен начин ги водеше своите избраници до историски успех и прв пласман на Европско првенство. Зад нив е моќната Франција, а пред нив е вистинско уживање на завршниот турнир во Полска во друштво на најдобрите млади селекции во Европа – пишува во статијата на УЕФА за 13 највпечатливи ликови во квалификациите за пласман на ЕП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top