Поранешниот југословенски репрезентативец Предраг Даниловиќ ќе биде нов предводник на Кошаркарскиот сојуз на Србија откако се пријави како единствен кандидат за претседател на претстојното Собрание. Актуелниот претседател Драган Џилас, кој самиот се повлекува од функцијата, му искажа целосна поддршка на Даниловиќ да го наследи и да ги продолжи успесите на кошаркарските репрезентации во машка и во женска конкуренција од последните неколку години.
– Навистина сум задоволен што една таква кошаркарска легенда ќе дојде по мене на чело на КСС. Даниловиќ е еден од најдобрите српски кошаркари во историјата, под чиешто раководење Партизан стигна и до фајналфор-турнирот во Евролигата. Притоа, тој во текот на два мандати беше и член на бордот на ФИБА Европа. Горд сум што прифати на потпретседателските функции да ги задржи луѓето што јас ги предложив, додавајќи го во својот тим и Бојан Радун како еден од најдобрите српски стопанственици. Доаѓањето на Даниловиќ е најдобра гаранција дека Сојузот и кошарката во Србија ќе продолжат да се развиваат бидејќи и во моментите кога беше дел од еден клуб, за него секогаш приоритет беше севкушниот развој на кошарката во државата – истакна Џилас.
Изборното собрание во Кошаркарскиот Сојуз на Србија ќе се одржи на 15 декември, на истиот ден за кога е закажано и Вонредното собрание при Македонската кошаркарска федерација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.