| четврток, 6 декември 2018 |

По 12 години ќе се истражува смртта на двајца војници

Српската влада одлучи да формира комисија која ќе ги разгледува фактите и околностите поврзани со смртта на двајцата гардисти на војската на Србија, Драган Јаковљевиќ и Дражен Миловановиќ, во тајниот воен објект на Топчидер во Белград, на 5 октомври 2004 година.

Одлуката е донесена по состанокот на премиерот Александар Вучиќ со семејствата на војниците. Случајот е повторно актуелизиран откако на почетокот на оваа недела на медиумите им беа претставени резултатите од новата форензичка анализа, според кои војниците се убиени.

Гардистите Драган Јаковљевиќ и Дражен Миловановиќ беа пронајдени мртви на 5 октомври 2004 година во тајниот воен објект „Караш“ на Топчидер, каде двајцата беа на стража. Првата, воена истрага констатираше дека станува збор за убиство и самоубиство, а потоа независната државна комисија оцени дека војниците се убиени од трето лице.

По објавувањето на новата форензичка анализа, на почетокот на оваа недела, по 12 години во случајот се споменува уште едно име – на поранешниот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, кој деновиве се споменува и како можен кандидат за претседател на државата на изборите, кои треба да се одржат следната година.

Јеремиќ, кој тогаш беше советник на претседателот на Србија, Борис Тадиќ, според новата анализа, наводно знаел за смртта на војниците пред за тоа да биде известен тогашниот началник на Генералштабот на војската на Србија.

Божа Прелевиќ, кој ја предводеше независната државна комисија, која уште во 2004 година констатираше дека војниците на Топчидер ги убило трето лице, вели дека тоа што Јеремиќ прв бил известен, не го смета како важно за случајот.

„Јас не можам никако да го поврзам (Јеремиќ н.з.) со случајот Топчидер…Тој можеби ќе се кандидира за претседател на државата, па некој нешто измислува…Па што ако прв дознал, во што е тука проблемот?“, вели Прелевиќ.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top