| четврток, 6 декември 2018 |

Стандардна процедура: Амбасадата на САД ги предупреди Американците во земјава да избегнуваат собири на 11 декември

Американската амбасада во Скопје ги предупреди своите државјани во Македонија да избегнуваат масовни собири на 11 декември, денот на изборите, бидејќи се можни немири, но оттаму велат дека тоа е стандардна процедура што се применува насекаде низ светот.

„Македонија ќе одржи парламентарни избори во недела, 11 декември. Додека неодамешните избори во Македонија беа мирни, можни се немири поврзани со изборите. Американската амбасада ги повикува сите американски државјани да бидат свесни за настаните во врска со изборите на 11 декември и да избегнуваат големи толпи, протести и собири кога е можно. Американските државјани треба да ги следат советите на локалните функционери кои се одговорни за безбедноста и сигурноста на сите посетители во Македонија“, објави на својата веб страна вечерва Амбасадата на САД во Македонија.

Амбасадата на САД во врска со соопштението вели дека тоа е стандардна процедура.

„Амбасадата ја објави оваа безбедносна мерка за да им укаже на американските државјани кои живеат и привремено престојуваат овде дека ќе има избори на 11 декември. Ова се стандардни пораки што се објавуваат насекаде во светот и обврска на Амбасадата е да обезбеди дека американските државјани се свесни дека ќе има избори и поради тоа може да има собири и масовни настани кои носат ризици од насилство“, стои во образложението од Амбасадата на САД.

Американската амбасада во Скопје вели дека Владата на САД ги поддржува изборите во Македонија и дека изборите се критичен дел од секоја  демократија и затоа ги поддржуваат напорите со кои се охрабруваат граѓаните да излезат и да гласаат. Амбасадата на САД активно ќе учествува во набљудувањето на изборите заедно со други меѓународни и домашни набљудувачи.

„Оваа безбедносна мерка не треба да се сфати како коментар за изборите во Македонија, туку исклучиво како наша обврска кон државјаните на САД“, велат од Амбасадата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top