| четврток, 6 декември 2018 |

Ги исмеваа дека е кловн, а сега од него стравува цела Европа

На падот на референдумот во Италија веројатно најмногу се израдувал Бебе Грило. Популистичкото движење „Пет ѕвезди“, кое го предводи Грило, во последните анкети води како најпопуларна политичка опција во Италија, а оставката на Матео Ренци би можела да му биде ветар во грб.

Кој е Бепе Грило?

Грило, некогашниот ТВ водител и комичар, кого многумина го нарекувале кловн, а не политичар, во италијанските медиуми набрзо го нарекле нов Берлускони, кога пред неколку години се впуштил во политиката, првенствено поради контроверзните изјави. Меѓутоа, Грило всушност бил голем критичар на начинот на владеење на Берлускони. Барем јавно. Медиумите пишувале дека помеѓу нив постојат бизнис врски, но тоа не е докажано.

Неговите настапи се често контроверзни, а очигледно и сè повеќе Италијанци се подготвени да му го дадат својот глас. Грило во говорите вели дека Италија е во тешки економски и социјални проблеми, но не нуди решение, а притоа користи пцовки.

“Европската унија е апсолутно бескорисна. Доколку ЕУ навистина е унија и заедница, Грција не би се нашла во ситуацијата во која се наоѓа”, неодамна рекол Грило.

Аналитичарите истакнуваат дека за успехот на движењето постојат две причини: Првата е способноста на движењето да ги привлече гласачите на левицата и десницата, а втората е одбивање на коалиција со други партии, кои ги сметаат за корумпирани.

beppe-grillo-najpopularen-italija-03

За што се залага Грило?

Надворешна политика

Бепе Грило се истакнал со контроверзните постапки во минатото. Му дал поддршка на поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмединеџад и го обвинил еврејското лоби дека ја цензурира вистината за Палестина. Неодамна повикал на укинување на санкциите за Русија, како и за исклучување на Турција од НАТО.

Референдум за ЕУ

“Пет ѕвезди” во Европскиот парламент претставуваат италијанска верзија на UKIP, британските националистички партии кои до скоро ги предводел Најџел Фараж. Грило е голем евроскептик, а по Брегзит го ублажил својот став. Додека претходно се заложувал за моментално излегување на Италија од ЕУ, сега најавува само распишување на референдум. Доколку дојде на власт, секако.

“Народот нека одлучи. Доколку сака други да му ја кројат монетарната политика, нека биде. Но, да му дадеме шанса да гласа”, рекол Грило.

Онлајн демократија

Движењето на Грило е базирано на интернет, со оглед на тоа дека членовите на партијата за клучни прашања одлучуваат на он-лајн гласање, користејќи го партискиот софтвер “Русо”, наречен по швајцарскиот филозоф Жан-Жак Русо, татко на директната демократија.

Приходи

Едно од клучните ветувања на “Пет ѕвезди” е гарантиран минимален приход за секој граѓанин на Италија кој живее под границата на сиромаштијата. Во Италија, втората најзадолжена земја во еврозоната, тој број изнесува 11 проценти од населението. За ова ветување Грило мора да издвои 15 милијарди евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top