„Мојот непријател Итар Пејо“ е насловот на новата книга на Калина Малеска во издание на „Или-или“. Со ова таа стана ново име во семејството на одлични домашни автори кои оваа издавачка куќа ги издава во изминатите десет години.
Се работи за третата збирка раскази на Малеска, или вкупно 139-та книга во прозната едиција „ПРОаЗА“ на „Или-или“. Илустрацијата на корицата е на Марија Смилевска, а дизајнот на бригада.мк.
Калина Малеска е македонска писателка, професорка по книжевност и книжевна критичарка. Ги напишала следниве дела: Збирки раскази: „Недоразбирања“, 1998; и „Именување на инсектот““, 2008. Романи: „Бруно и боите“, 2006; и „Призраци со срмени нишки“, 2014. Авторка е на драмата „Случка меѓу настани“, 2010. Книжевна теорија и критика: Transformation of the Discourse of Power in Literature, 2016.
За книгата, книжевната критичарка Оливера Ќорвезироска напиша:
„Ништо веќе по „Мојот непријател Итар Пејо“ на Калина Малеска нема да биде како што беше со нејзините раскази, но и со приказните на Итар Пејо, зашто, кога и да ги слушнеме – ќе знаеме дека еден фиктивен книжевен лик со заборавено име стои како глас и зад неа, но и зад Пејо, како негова заумна мисла, како сенка и како идеја за општа правда и праведност. Како осовременета книжевна вистина за фолклорното наследство.
Оваа одлична раскажувачка јас-точка на измислен лик сопoстaвен на Итар Пејо, целосно ги освојува читателските симпатии и на распнатото јаже помеѓу измислениот лик и неговиот „непријател“ – фолклорниот херој, еквилибристички вешто го движи исписот на новата можна книжевна вистина. Или тајна… “
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.