
Италијанскиот премиер Матео Ренци на прес-конференција во владината палата Киџи објави дека има намера да поднесе оставка по поразот на референдумот за уставните измени што ги бараше.
-Загубив. Во италијанската политика никој не победува. Но никој и не губи. Не можев да ви донесам победа, и ја преземам целата одговорност за поразот, ќе поднесам оставка. Моето владеење ноќва заврши – изјави премиерот на Италија Матео Ренци, кој додаде дека денеска попладне ќе ја предаде својата оставка на претседателот на Републиката, Серџо Матарела.
-Одѕивот на гласачите е изненадувачки висок. Тоа е празник за демократијата, ја поздравувам победата на сите оние кои не ја поддржаа оваа реформа, ви посакувам натамошна плодотворна работа – додаде Ренци..
Ренци во јавноста се обрати откако беа објавени прецизираните прелиминарни и неофицијални резултати од референдумот, на кој против уставните реформи кои ги заговараше се изјасниле 60 отсто од оние кои гласале, најмногу 40 отсто ги поддржале реформите.
Официјалните резултати од италијанскиот референдум треба да бидат познати во понеделникот рано утрото.
Претседателот Матарела сега има овластувања да именува нова мандатар или да закаже предвремени парламентарни избори.
Повеќето коментатори сметаат дека Ренци на премиерското место може да го замени вршителот на должноста премиер од неговата Демократска партија до изборите во пролетта 2018 година, а медиумите шпекулираат дека тоа би можело да биде министерот за финансии Пјер Карло Падоан.
Италијанците вчера се изјаснуваа за уставната реформа што предвидува драстично намалување на овластувањата на Сенатот, а гласањето дефакто претставуваше и плебисцит за премиерот Матео Ренци, од левиот центар, кој вети дека ќе поднесе оставка доколку предложената реформа не мине.
Оваа уставна реформа предвидуваше најдлабоко институционално преустројување откако пред 70 години Италија стана република според уредувањето. Реформата на владата би ѝ го олеснило носењето закони, особено со новиот изборен законик, усвоен минатата 2015 годна, кој на победникот на идните избори, кои се очекуваат во 2018 година, му обезбедува сигурно парламентарно мнозинство.
Клучниот момент од реформата е тоа што ја укинува обврската сите закони да мора да минат во двата дома на италијанскиот парламент. Во иднина Претставничкиот дом би одлучувал за повеќето прашања, вклучително и за гласањето за доверба на владата и за националниот буџет.
Сенатот се намалува од 315 на 100 мандати, а неговите членовите повеќе не би ги избирале граѓаните непосредно. Петмина би именувал претседателот на Републиката, а 95 би се избирале меѓу регионалните советници и градоначалници. Сенаторите би го задржале правото на вето за уставните прашања, прашањата што се однесуваат на локалните власти и на клучните одлуки на ЕУ.
Некои аналитичари се прашуваа дали е мудро на Горниот Дом на парламентот, кој го сочинуваат локални политичари, кои во Италија се често корумпирани, да им се дадат овластувања за да можат да ги блокираат европските одлуки.
Реформата, исто така, ги намалуваше овластувањата на регионалните власти, префрлајќи ги одлуките за важните транспортни, енергетски и инфраструктурни проекти во рацете на државата. Се укинуваше и Националниот совет за економија и труд, форумот на синдикатите и работодавачите.
Ренци појаснуваше дека реформата ќе го подобри процесот на носење одлуки, ќе ги намали преклопувањата меѓу локалните и централните тела на власта што се смета за голема причина за бирократскиот застој, и ќе стави крај на политичката нестабилност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


