| четврток, 6 декември 2018 |

Пензионерите задоволни од најавата за зголемувањето на пензиите и новите мерки

Груевски покрај зголемувањето на пензиите, ги информираше пензионерите дека ќе продолжат проектите за бесплатна бањско-климатска рекреација, бесплатен викенд и бесплатен воз

Пензионерите се задоволни од најавата за зголемувањето на пензиите за 10,25 отсто во програмата „Реално“ и новите мерки. Тие денеска во Прилеп се сретнаа со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во ИЕ 4 Никола Груевски.

Прилепските пензионери велат дека се задоволни од најавеното. Додаваат дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја имаат нивната поддршка токму поради сето она што било реализирано, а претходно ветено.

Груевски покрај зголемувањето на пензиите, ги информираше пензионерите дека ќе продолжат проектите за бесплатна бањско-климатска рекреација, бесплатен викенд и бесплатен воз.

За прилепските пензионери рече дека во новата Програма е предвидено изградба на дневен центар за повозрасни лица што треба да почне да се гради во периодот од јули до септември 2017 година, во 2019 година е предвидено отворање на Дневен центар за возрасни лица со најтешки проблеми, како и реконструкција на Домот за стари лица во Прилеп „Киро Крстески Платник“.

– Во новата Програма е предвидено и бесплатна вакцинација за грип на лицата со помали пензии, како и за лицата над 65-годишна возраст кои не се корисници на пензија. Предвидени се и денови за попусти за пензионери во одделни маркети, како и продажба на стоки и услуги на рати и тоа стоки за широка потрошувачка, лекови и медицински помагала и огревни дрва, рече Груевски.

Потсети дека во последниов период е извршено намалување на цените на 4.800 лекови, на некои од нив, како што рече, дури и за 90 отсто.

– Со оваа услуга, граѓаните, а меѓу нив и пензионерите заштедуваат по 33 милиони евра годишно, рече Груевски и ги потсети пензионерите дека имаат и 50-отстотен попуст при посета на културни институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top