| четврток, 6 декември 2018 |

Најголемото маало во Скопје: Богатите фамилии и најубавите куќи

Пајко маало било најголемото и најпознато маало во Скопје, кое се простирало меѓу реката Вардар од една страна и Покриената чаршија и Карадаг маало од другата страна. Во состав на ова маало спаѓало и Егид Пашино маало, кое било поголемо. За Пајко маало постојат безброј легенди. Сите легенди се поврзани со минатото. Во периодот помеѓу двете светски војни во ова маало се наоѓале најубавите улици и куќи во кои живееле старите скопски фамилии и богатите граѓани на Скопје.

Соборната црква „Света Богородица“ се наоѓала во Пајко маало и околу неа живееле многу угледни скопски фамилии. Меѓу овие фамилии се истакнувале Трпчановци, Рибареви, Попанкови, Китинчеви, Крангови, Јаневи, Кондовци, Стојанови (Ч’крови) и др.

Куќата на семејството Китинчеви, помеѓу двете светски војни
3_3_1
Скопјанецот Панко Димитров, кој по професија бил поп, во почетокот на ХХ век се оженил со Марија од с. Кучевиште. Панко и Марија имале десет деца. Живееле во Пајко маало, а имале и друга куќа до Стара нова бања, која ја издавале.

Едното од децата, Благоја Поп Панков тогаш бил гимназијалец. Со голема желба да го заврши школувањето, Благоја работел физички работи и паралелно учел. Завршил и гимназија и Трговска академија, а студиите ги завршил во Белград на Економскиот факултет. Кога се вратил во Скопје, во прво време работел како адвокатски помошник кај неколку адвокати. Тогаш се запознал со својата идна сопруга Катерина која во Солун завршила Историски факултет и во 1925 год. дошла во Скопје да ја посети мајка ѝ и се запознала со Благоја. Следната година стапиле во брак.

Благоја и Катерина живееле во Пајко маало, во семејната куќа на Поп Панкови. Куќата била со приземје и кат. Приземјето го издавале, а на катот живееле. На нивниот кат мало 4 соби: спална, детска, дневна соба и библиотека со пијано. Кујната била најголема одделена просторија. Ѕидовите ги краселе уметнички слики кои Благоја со задоволство ги купувал од македонските уметници. Дворот бил засаден со дрвца и цвеќиња.

Во истото маало живееле и познатите кожари Рибареви.

Куќата на Рибареви се наоѓала веднаш до Соборната црква Св.Богородица, а имала приземје и кат со мансарда на покривот. Особено интересни за оваа куќа биле античките(јонски) столбови на влезот во куќата.

3_5

Фамилија Рибареви

3_6

Семејството Чохаџиќ живеело во Пајко маало во близина на Скопската митрополија, каде што се наоѓал и Санаториумот Чохаџиќ. Куќата била изградена во 1938 год., со висок сутерен, спални соби на кат и таван со две соби. Куќата имала етажно греење, водовод и канализација и бања во состав на куќата.

Стојко Стојановиќ со својата фамилија живеел во стара куќа покрај Вардар која ја купиле од турски бег за 1000 лири. Од страната кон кејот имало слепи ѕидови, а влезот бил од северната страна, кон чаршијата. Се влегувало од голема дрвена врата со мермерни плочи. Од левата страна воделе скали за на катот, а од десната имало спореден влез кој водел директно во кујната. Ова овозможило еден дел од куќата да го издаваат под кирија.

Истакнати жители на Пајко маало биле и фамилијата Кранго.

Куќата на Кратовалиеви била голема, на кат, со по три одаи за спиење и по една поголема гостинска одаја во приземјето и на катот. Под целото приземје се наоѓала визба за чување на огревен материјал, зимница, ракија, вино и слично. Гостинските одаи секогаш биле уредени и отворени, но децата таму без потреба не влегувале.

3_8

Извор:Скопјеинфо

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top