| четврток, 6 декември 2018 |

Излетал од патот и се забил во дрво – загина маж во тешка сообраќајка

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што синоќа во 20.30 часот се случи на магистралниот пат Струга – Ќафасан во близина на селото Радолишта.

Од здобиените повреди, како што соопшти денеска СВР Охрид, на самото место почина Елван А. (69) од струшкото село Радолишта. Неговата смрт, на местото на настанот била констатирана од медицинска екипа од Општа болница во Струга.

– Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, по магистралниот пат во правец од Струга кон Ќафасан управувал патничко моторно возило „пежо“ со струшки регистарски таблици. Во близина на крстосницата за селото Радолишта, поради неприспособена брзина на условите и на состојбите на патот, сега починатиот загубил контрола врз возилото, преминал на спротивната страна од патот, излетал надвор од коловозот и удрил во дрво, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

На местото на сообраќајната незгода, по овластување на јавен обвинител, увид извршиле полициски екипи од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај – Струга. По наредба на јавниот обвинител, патничкото возило „Пежо“ е подигнато за понатамошен технички преглед.

Ова е втора незгода со жртва за само едно деноноќие во Струшко. Триесет и осумгодишен жител на Струга завчера вечерта го загуби животот во сообраќајка на магистралниот пат Струга – Ќафасан во близина на селото Мали Влај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top