| четврток, 6 декември 2018 |

Првиот концерт на ЗЏМ на тема „Битлси“ поздравен со овации

Со оркестарот диригираше славниот Австриец Сиги Феигл, харизматичен музичар и диригент, инаку одличен познавач на биг-бенд оркестрите. Екстравагантен, со две различни чевли, со кадифено палто и качкет, тој ја забавуваше но и ја едуцираше публиката која не остана рамнодушна на неговиот настап

Со стоечки овации и барање за бис помина првиот концерт на Биг бендот на Здружението на џез музичари (ЗЏМ) кој се одржа синоќа во салонот на Македонската опера и балет (МОБ). Салонот беше преполн, а публиката дојде да го чуе првиот концерт на ЗЏМ чија тема беше музиката на славните „Битлси“.

Со оркестарот диригираше славниот Австриец Сиги Феигл, харизматичен музичар и диригент, инаку одличен познавач на биг-бенд оркестрите. Екстравагантен, со две различни чевли, со кадифено палто и качкет, тој ја забавуваше но и ја едуцираше публиката која не остана рамнодушна на неговиот настап.

Феигл се извини на публиката бидејќи не го познава македонскиот јазик, но покажа дека ги познава сите 17 музичари кои членуваат во ЗЏМ, повикувајќи ги и претставувајќи ги по име и презиме. Не успеаја да го збунат ниту кога двајца музичари си ги сменија местата. Тој имаше само пофални зборови за настапот на македонските музичари, охрабрувајќи ги и нив и публиката дека се на вистинскиот пат.

Дел од музичарите Феигл ги познава уште од нивните студентски денови, работејќи со нив како професор на Факултатот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија.

Двочасовниот концерт беше отворен со Hard Day Night, а потоа следеа хитовите на Џон Ленон и Пол Макартни: Eleanor Rigby, Ticket to Ride, Norwegian Wood, Day Tripper, Here, There and Everywhere, Get Back, Can’t Buy Me Love, Michelle, Hey Jude…

Гостинот од Австрија изведе и соло со саксофон на композицијата Michelle. Композициите беа во аранжман на Алан Бејлок, Мајк Кроти и Мајк Холобер, кои на музиката на најпопуларниот поп-рок бенд од 60-тите и 70-тите години, чијашто музика е антологиска и се слуша и денес, ѝ дадоа еден поинаков и покомплексен призвук.

Публиката ги наградуваше со силни аплаузи соло-изведбите на музичарите, а Феигл побара поддршка од публиката и во иднина за Биг бендот ЗЏМ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top