Единаесет сезони активно возење во набрзиот циркус во светот му беа потребни на Нико Розберг за да се закити со титулата светски шампион во Формула 1. Ако на неговиот татко Кеке своевремено му беше доволна само една победа за шампионска титула (1982 година), на Нико му беа потребни дури девет. Со победите, Германецот имаше удобна предност пред тимскиот колега Луис Хамилтон во генералниот поредок кој иако победи на последната етапа од овогодишниот шампионат сепак ќе мора да се задоволи со втората позиција и ’само’ три титули кои ги има освоено.
Нико Розберг ја започна трката за Големата Награда на Абу Даби од втората позиција, веднаш покрај Хамилтон и од почетокот до крајот извозе мирна трка. Без многу ризици и без неочекувани стратегии со пит-стопот. Иста стратегија имаше и Хамилтон, но неговата победа ќе остане занемарена покрај конечниот исход во борбата за титулата.
Подиумот го дополни Себастијан Фетел, кој накратко беше и лидер на трката. Германецот го презема третото место од Макс Верстапен на четири круга пред крајот и успеа да го задржи освојувајќи го седмиот свој подиум оваа сезона. Верстапен, најмладиот победник на Ф1 трка во историјата на овој автомото спорт излета од патеката на почетокот, беше приморан да влезе рано во боксот и да се врати како 17. пласирани до крајот успеа да стигне до третото место, кое му го одзема Фетел во последните мигови од трката.
Раиконен, тимскиот колега на Фетел, ќе мора да се задоволи со шестата позиција, зад Даниел Рикардо од Ред Бул како што впрочем беше и речиси целата сезона.
Џенсон Батон за кого трката на Јас Марина беше последна во кариерата заврши во 13. круг кога поради проблеми со суспензијата, поконкретно со десниот преден пневматик, го примора предвреме да се повлече во гаражата на Мекларен.Фелипа Маса, уште еден ’пензионер’ од гридот последната своја трка ја заврши како деветти освојувајќи ги последните свои два бода како формула 1 возач.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.