| четврток, 6 декември 2018 |

Будуќност е суспендиран, се очекува ли иста реакција на МКФ?!

buducnost

Хаосот во европската клупска кошарка поради војната меѓу Евролигата и ФИБА продолжува, откако раководството на Кошаркарската Федерација на Црна Гора вечерва му изрече суспензија на својот шампион Будуќност. Ова е реакција на последното барање на ФИБА сите клубови кои учествуваат во непризнаени натпреварувања (Еврокупот) да бидат суспендирани од своите федерации, во спротивно ќе следи суспензија од ФИБА врз репрезентациите.

На оваа закана се пожали и претседателот на МКФ, Петар Наумоски, кој најави суспензија на МЗТ Скопје по последното предупредувачко писмо од светската куќа на кошарката. И додека Црногорците на последниот рок даден од ФИБА (25 ноември) се решија за овој крајно непопуларен потег, од македонската куќа на кошарката се уште нема никаква информација околу развојот на настаните на оваа тема.

Доколку сите земји ги суспендираат своите клубови кои играат во Еврокупот би се случил хаос на европската клупска кошаркарска мапа, а тимовите ќе бидат принудени да го прекинат натпреварувањето во кои веќе одиграа по најмалку шест средби. Црногорците се сомневаат дека истиот чекор ќе го преземат и Кошаркарските Федерации на Шпанија, Германија, Литванија… па токму затоа најавија дека доколку останатите земји не потклекнат под заканите на ФИБА, ниту нивната суспензија на Будуќност нема да биде важечка.

– Моравме да донесеме одлука за суспензија на Будуќност, но таа одлука ќе биде важечка само доколку ФИБА ја примени на сите клубови учесници во Еврокупот. Ако ФИБА реши да аболицира макар еден клуб, ние ќе ја повлечеме суспензијата – изјави Петар Поповиќ, генералниот секретар при Кошаркарската Федерација на Црна Гора.

Тактички добар потег на Црногорците, кој многу лесно би можел да биде искористен и од МКФ во ситуацијата кога сите се во исчекување за конечна разврска на битката во која клубовите и федерациите се заеднички заложници на ФИБА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top