Во кампањата има една работа за која се согласуваат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ; а тоа е дека изборите на 11 декември ќе бидат референдум за тоа во каква Македонија ќе живееме. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата децидно се против концептот на двојазичност и уставно редефинирање на Македонија, кои би довеле до идна федерализација. СДСМ, пак, не престанува со двојните настапи – повторување на ветувањата дадени пред албанската дијаспора на средбите со гласачите Албанци во Македонија, па нивно ублажување пред гласачите Македонци.
Но, едно е јасно. Редефинирањето како термин СДСМ го презеде од БЕСА и го вгради во својата изборна платформа, а на површина исплива дека целта на кризата и на овие избори беше борба за преврат, која ќе резултира токму со редефинирање на државата. За потсетување, со првата фаза со која се предвидува федерализација на државата е опфатена зголемена употреба на албанскиот јазик како официјален јазик, пред сѐ во безбедносниот сектор и во институциите – во полицијата и во армијата, но и поделба по федерални единици, кантони, односно развивање на општините во „понапреден систем на самоуправување“. Во втората фаза треба да се воведе двојазичност на целата територија на државата, а на албанските партии при „поделба на колачот на власта“ им се нудат институции и функции како претседател на Собранието, премиер или претседател на државата. Истовремено во оваа фаза би требало да се одвива и административно поврзување на федералните единици. Третата фаза би значела само формализирање на федерализацијата на државата.
ВМРО-ДПМНЕ посочи дека СДСМ во програмата предвидува трансферирање на дел од надлежностите на полицијата околу одржувањето на јавниот ред и мир и сообраќајот од централната на локалната власт. Со други зборови, формирање локални полиции во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга, Липково или Арачиново.
– СДСМ предвидува реорганизација на локалната самоуправа или, како што самите наведуваат на страница 164, цитирам: „Ќе воведеме политипни општини со различни надлежности, во зависност од големината и изградените капацитети и моќта да генерираат сопствени приходи, или со поделба на надлежностите на задолжителни и изборни“. Ова е веројатно територијалната реорганизација по урнек на Швајцарското кантонално уредување што го ветуваше Заев – посочи Трајко Вељаноски од ВМРО- ДПМНЕ, како дел од цврстиот став против залагањата на СДСМ.
Албанските партии во залет
Заев пред оваа кампања застана со став дека СДСМ ќе ја претвори во најголема партија на Албанците во Македонија, со тоа што ќе освои многу повеќе албански гласови од ДУИ, ДПА, па и од другите политички опции. Но, со неговите настапи, па и зафати како вметнување на Албанците во највисоките раководни партиски тела за да може со нив да ги посетува местата со доминантно албанско население, наместо да ги освои гласовите, Заев го поткрена прагот на партиите од албанскиот политички блок во земјава.
Така, иако со ветувањата за редефинирање и двојазичност пред албанската дијаспора Заев настапи со Зијадин Села, во почетокот на кампањата Села, како дел од коалицијата „Алијанса за Албанците“, почна со убедување дека Заев „манипулира со Албанците во Македонија и со дијаспората“, односно дека „ветува сѐ за да се обиде да ги придобие гласовите на Албанците, а потоа ништо нема да исполни“. Сепак, Села, по најавите на Заев во септември се закани дека доколку албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот, Македонија треба да се подели на две федерални единици „со албанско и со словенско говорно подрачје“.
– Ниту еден миг нема да се повлечеме од бинационалната држава или целосната рамноправност или ние на Албанците тука ќе им направиме федерација. Нема да дозволиме некој друг да го направи официјален јазикот кој се симнал од самиот Господ, албанскиот јазик ќе го направиме ние кои сме поврзани во алијанса за Албанците со одговорност и за генерациите што ќе дојдат утре – вели Села.
Посебен закон за албанскиот јазик и двојазичноста се главните ветувања на ДУИ. Артан Груби, како носителот на кандидатска листа, најави дека ќе предложат посебен закон за албанскиот јазик и формирање државна институција за негова афирмација и заштита. И Џеват Адеми двојазичноста, односно службената употреба на албанскиот јазик ја нагласува како приоритет на ДУИ во наредните четири години.
На конвенција на Демократската партија на Албанците во скопски Чаир, при промовирањето на кандидатите за пратеници од оваа партија, двојазичноста беше истакната меѓу главните точки во изборната кампања.
Македонските партии со крената рачна
Иако ова прашање во предизборниот период е во фокусот на јавноста, освен категоричното спротивставување од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, другите учесници во изборната трка се чини чекаа некој да ги праша за ставовите што ги застапува СДСМ. Но, сепак, ниедна од партиите и од коалициите од кои „Република“ побара став, не застанаа зад воведувањето двојазичност и зад уставните измени онака како што ги посочи Заев на ТВ-дебатите и на настапите во Швајцарија.
За Либералната партија е приоритет спроведувањето на законите, вклучително за употребата на јазиците, а Уставот не е и не смее да биде тема на овие избори, смета Ивон Величковски од Либералната партија.
– Изборите се обид за консолидација на Македонија, а не за натамошно разорување на институциите. Предупредувам, Рамковниот договор е гарантиран и од меѓународната заедница, и тој е имплементиран во уставните амандмани. Изјави за изборни потреби кои сугерираат напуштање на Рамковниот договор и Уставот се штетни за изборниот процес, граѓаните, институциите и за општеството – вели Величковски.
Постои Охридски рамковен договор кој е имплементиран и во Уставот и во законите на Република Македонија, смета Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, Коалиција за промени и правда.
– Тоа прашање за нас е затворено. Ниту имаме намера за менување на Устав ниту на законите. Прашањето за употреба на јазикот е употребата на законите кои веќе ги донесовме. Тоа значи дека ова прашање ниту ќе се отвора ниту ние ќе поддржиме какво било отворање на вакво прашање. Втора работа, ние сме за унитарна РМ, не поддржуваме каква било идеја или што било што е поврзано за некаква кантонизација, федерализација, тука како Коалиција сме многу категорични – вели Трајанов.
Менувањето на Устав не е туку-така работа некој да го реши преку ноќ, вели Јове Кекеновски од ФРОДЕМ, кој ги наведе и процедурите и фазите за менување на Уставот, а нагласува и дека е потребно мнозинство кое треба да гласа во парламентот.
– Уставот е мошне јасен и секое чепкање во тој сегмент од Уставот, посебно амандманот кој го регулира прашањето за употребата на јазиците, е мошне јасно и децидно. Уставот дава одлични гаранции за употребата на јазикот на етничките заедници. Секое нарушување на тој уставен амандман ќе биде нарушување на унитарниот карактер и на суштината на духот на рамковниот договор. Апсолутно не би поддржале такво нешто во парламентот. Ако мисли некој дека може да го направи тоа, нека повели, меѓутоа само непотребно ќе ја отвори Пандорината кутија – нагласува Кекеновски.
Коалицискиот партнер на Заев, Лилјана Поповска од ДОМ, се повикува на програмата на СДСМ која како партија ја добиле и според која коалицираат, но додава: ставот на ДОМ е познат.
– Ние го почитуваме Уставот со кој е дефиниран унитарниот и граѓански концепт на државата, а истовремено се гарантирани правата на сите заедници и е спречена мајоризација преку вграден мултикултурен образец со Бадинтерово гласање и други мерки – наведува Поповска.
На охридската рамка се повикуваат и од ВМРО-НП, од каде што Никола Тасев посочи дека нивниот став е познат, односно дека со рамковниот договор се решени сите проблеми и ставки што треба да се решат за сите малцински заедници во Македонија. Рамковниот е договорен, а по тоа е направен Уставот.
При ова сублимирање на ставовите за воведување на двојазичноста, може да се потсети и на ставот искажан од Стојанче Ангелов од Достоинство, кој, инаку, тесно соработуваше со опозицијата.
– За каков соживот зборуваме доколку мнозинството Албанци бараат нивниот јазик да стане рамноправен и официјален јазик на целата територија на Македонија. Дали, доколку албанскиот јазик е официјален јазик на целата територија на Република Македонија, ќе придонесе за подобрување на меѓуетничкиот соживот или за уште поголемо влошување и заладување на меѓуетничките тензии? – праша Ангелов во септември.
Тоа што меѓу редови се посочува од политичката сцена, во анализа за тоа што, всушност, се крие во политичката агенда на Заев, е дека лидерот на СДСМ го исполнува ветеното пред изборите во замена за натамошна поддршка за продолжување на кризата, односно отворање простор за нови политички кризи во кои би ги втурнал и албанските партии. Дали воопшто во Македонија ќе дојде до повторно отворање на овие прашања во Собранието, зависи токму од неговиот иден состав.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 221. број на неделникот „Република“, 25.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.