| четврток, 6 декември 2018 |

Потпишан договор за соработка меѓу ТИРЗ и Светската организација на слободни зони

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо нагласи дека влегувањето на Македонија во Светската организација на слободни зони ќе значи идна соработка на компаниите во зоните во земјава со други компании лоцирани во слободни економски зони низ светот и на кој начин може да ја прошират својата мрежа на добавувачи

Ника Манукова, регионалниот менаџер за Европа, ЗНД, Иран и Турција на Светската организација на слободни зони и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо потпишаа апликацијата за членство на Дирекцијата на ТИРЗ во Светската организација на слободни зони.

– Многу сум задоволна од она што е направено во слободните зони и од односот што го имате со инвеститорите. Тоа е поради добрите политики на Владата и добрата работа на менаџерскиот тим на зоните. Моите искуства покажуваат дека сте на вистинскиот пат – изјави Манукова.

Таа во изминатите три дена ги посети слободните зони во Скопје, Струга, Кичево и Тетово и имаше разговори со менаџерите на „Џонсон Мети“, „Ван Хоол“, „КСС“, „Костал“ и „ОДВ Електрик“, на кои ги изнесоа своите искуства од работата во Македонија.

 

– Сега работиме на зголемувањето на мрежата на членки. Во моментов имаме 252 членки од 47 земји, а во светот има 2.500 слободни зони. Планираме со Македонија да ги споделиме нашите искуства какви ќе бидат слободните зони во следните 25 години, изјави Манукова по потпишувањето на апликацијата.

tirz-dogovor

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо нагласи дека влегувањето на Македонија во Светската организација на слободни зони ќе значи идна соработка на компаниите во зоните во земјава со други компании лоцирани во слободни економски зони низ светот и на кој начин може да ја прошират својата мрежа на добавувачи.

– Нашето членство директно ќе влијае врз трансфер на  знаење и информации како слободните зони функционираат низ светот, како да го подобриме процесот на привлекување на инвеститори, но истовремено и на сервисирање на постоечките инвеститори. Преку членството Македонија дополнително ќе се промовира како потенцијална дестинација за инвестирање, рече Мизо.

Одговарајќи на новинарско прашање за субвенционирањето на зоните во Македонија, Манукова рече дека во светот има различни видови на слободни зони и секоја земја има сопствени правила.

– Едно е сигурно дека е вообичаена практика дека се прави се за да се доведат инвеститори и да се отворат работни места. Инвеститорите доаѓаат само ако се задоволни од услугите кои ги добиваат. Сметам дека е клучно за Македонија што секогаш сте отворени за инвеститорите кои доаѓаат и тие ќе направат се за да се зачува тоа и во иднина, рече Манукова.

Таа посочи дека е добра практика што зоните не се сконцентрирани само во Скопје, туку низ целата територија на државата и нагласи дека квалитетот на производите што се произведуваат во зоните во Македонија е еднаков со светскиот.

Мизо дополни дека правилата, прописите и лимитите што се нудат за странсктие директни инвеститори во македонските зони се исти со европските.

– Се што важи во Европа важи и кај нас. На територијата на Македонија врз основа на просекот  на БДП по глава на жител вкупната сума на субвенции за инвестиции до 50 милиони евра не може да надмине 50 проценти од вредноста на инвестицијата. Тоа е исто и во било која земја од ЕУ, рече Мизо.

Тој додаде дека  најголемиот дел од бенефициите за странските инвеститори се во делот на даночните ослободувања и не се друг вид на ослободувања и грантови кои ги добиваат компаниите.

До крајот на годинава се очекува извозот од зоните да биде за околу 20 отсто поголем од ланскиот, а бројот на вработените да достигне до 7.500.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top