| четврток, 6 декември 2018 |

Француски орден за директорката на Агенцијата за филм

Директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска-Илиевска, е одликувана со орденот „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ кој го доделува Министерството за култура и комуникации на Република Франција.

Орденот ѝ е врачен поради нејзините исклучителни достигнувања во промоцијата на македонската култура и филмска уметност во глобални рамки, како и за заложбите во промоцијата на француската култура во Македонија.

Одликувањето ѝ го врачи амбасадорот на Франција во Македонија, Кристиан Тимоние, на свеченост во француската резиденција, истакнувајќи го нејзиниот досегашен придонес во зајакнувањето на културните врски помеѓу Република Франција и Република Македонија, како голем сојузник на француската култура и силен поборник за продлабочување на соработката помеѓу двете земји.

Ѓоргоска-Илиевска се заблагодари за честа да биде носител на ова значајно признание, истакнувајќи дека тоа претставува потврда и валоризација на заедничките заложби за афирмација, продлабочување, развивање и размена на културните вредности и дела меѓу Франција и Македонија.

Одликувањето „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ е воведено од Андре Малро во 1957 година и е едно од четирите најпрестижни во Франција. Се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top