| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на современ шпански филм

Со комедијата „Овците не го пропуштаат возот“ на режисерот Алваро Фернандез Армеро, кој е и сценарист на овој филм од 2014 година, Кинотеката на Македонија од денеска до 28 ноември ќе ги организира Деновите на современ шпански филм.

Ќе бидат прикажани осум остварувања од кинематографијата на Шпанија од поновата продукција, со исклучок на филмот на 22 ноември – „Среќна ѕвезда“ на режисерот Рикардо Франко кој е од 1997 година и, како што наведува Кинотеката, е вклучен во селекцијата поради квалитетот.

Во наредните денови публиката ќе може да ги гледа и филмовите „Мал остров“ на Алберто Родригез, „Нема мир за злите“ на Енрике Урбизу,  „Мигел и Вилијам“ на Инес Парис, анимираниот филм за деца „Магарето на Дон Кихот“ на Хосе Позо, „Ѕвезда што паѓа“ на Луис Мињаро и „Сите тие се мртви“ во режија на Беатриз Санчиз.

– Селекцијата ја покажува жанровската разноликост на шпанската кинематографија и огромниот дијапазон на интереси на шпанските автори кои од секој жанр го извлекуваат најдоброто, не плашејќи се да ги мешаат жанровите, стиловите, а понекогаш и периодите, соопшти Кинотеката на Македонија во најавата на Деновите на современиот шпански филм.

Проекцијата на „Мигел и Вилијам“ од 2007 година е во рамки на одбележувањето 400 години од смртта на Мигел де Сервантес и на Вилијам Шекспир, двајцата великани на светската книжевност кои починале на ист датум – 23 април 1616 година. Филмот прикажува една можна историја во која Шекспир и Сервантес биле ривали и соработници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top