Мажите сѐ почесто самоиницијативно се јавуваат на уролог за одредени заболувања кои се поврзани со урогениталниот систем, вели д-р Даниел Петровски, уролог-хирург во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Со него разговаравме за најчестите болести поврзани во машкото здравје, а по повод „Мовембер“, месецот на машкото здравје.
Дали мажите над 45-годишна возраст повеќе размислуваат како да ја задржат косата отколку да направат преглед кај уролог?
ПЕТРОВСКИ: Во последните години почна да се зборува за машкото здравје, што придонесе да се подигне свеста. Од моето секојдневно искуство можам да кажам дека сѐ почесто мажите самоиницијативно се јавуваат на уролог за одредени заболувања кои се поврзани со урогениталниот систем.
Од која возраст мажите почесто треба да одат на преглед? Кои болести поврзани со машкото здравје се најчести во Македонија?
ПЕТРОВСКИ: На секоја возраст може се јават проблеми на урогениталниот тракт и затоа штом ќе забележат нешто, треба да се јават на преглед. Најчестите заболувања поради кои мажите бараат преглед кај уролог зависат од возрасната популација за која станува збор. Ако зборуваме за детска возраст, секако тоа би биле вродени заболувања на урогенитален систем, како неспуштени тестиси, фимоза – стеснување на отворот на кожата на пенисот, стеснувања на одводниот уринарен канал (уретерот), кој ги спојува бубрегот и мочниот меур, везикоуретералниот рефлукс (враќање на урината од мочниот меур наназад во уретерот), хипоспадии – дислокација на отворот на мочниот канал и многу други.
Во тинејџерска возраст и кај младата возраст доминираат проблемите со фертилитет (плодност), кој е во голем пораст последните години, воспалителни заболувања на урогениталниот тракт (уретрити, епидидимити…), торзија на тестиси (увртување на тестисот) – една од најитните состојби во уролошката хирургија, како и посебно сериозните проблеми, како што е тестикуларниот канцер – заболување кое е во голем пораст и на кое се посветува големо внимание поради младата популациска група што ја зафаќа (најчесто 20-35 години), потребата од мултидисциплинарен пристап во негово лекување (хирургија, радиотерапија, хемотерапија), како и поради потребата за самопреглед поради рано откривање и дијагностика.
Од 40-тата година почнуваат проблемите и со простатата, најчесто бенигна простатична хиперплазија, а сè почесто и карцином на простата. Скенирањето за рано откривање на овие заболувања почнува од 40-тата година. Да не ги заборавиме и состојбите со проблеми со потенција, карцином на бубрези и други.
Дали, генерално, мажите во Македонија се грижат за машкото здравје?
ПЕТРОВСКИ: Генерално, има напредок и мажите стануваат свесни за своето здравје. Меѓутоа, сметам дека треба уште да се работи и да се подигне свеста и посетата на уролог кај мажите треба да биде во практика како посетата на гинеколог кај жените. Бидејќи секоја болест која ќе се открие навреме, било да е карцином или да се работи за проблеми со неплодноста, може да се лекува со висок успех. Затоа, моја препорака е барем еднаш годишно мажите да дојдат кај уролог, без разлика на возраста, бидејќи ако кај повозрасната популација се актуелни болестите на простата, меѓу кои и карцином, кај младата популација, пак, се актуелни болести на тестисите, меѓу кои и канцерот на тестиси кој е карактеристичен за оваа возраст.
Колку е чест карциномот на простата кај нас?
ПЕТРОВСКИ: Повеќе од половина мажи над 60-годишна возраст се соочуваат со проблеми на простата. Како што стареат, мажите сѐ повеќе се подложни на ова заболување. Простатата постојано расте во текот на целиот живот на мажот. Најчесто простатата не покажува никакви симптоми до 40. година. Кај 90 проценти од машката популација по 40-тата година се покажуваат одредени симптоми на зголемена простата. Причините не се познати. Се претпоставува дека голема улога може да играат хормоните, како што се тестастеронот, дихидратестастеронот (ДХТ) и естрогенот. Симптомите на зголемена простата се многу слични со симптомите што ги дава карциномот на простата. Почест е во високоразвиените земји во северна Европа и во САД, поретко во азиските земји. Во светот секој осми маж има ризик од канцер на простата.
Често се зборува за женската неполодност, а под тепих се бутка информацијата за машкиот инфертилитет. Дали има информации за машкиот инфертилитет кај нас? Колку е чест?
ПЕТРОВСКИ: Машката и женската неплодност се застапени со ист процент. Не е точно дека ако некоја двојка не може да зачне, причината секогаш е жената. Во ист процент причина е и мажот. Машкиот стерилитет (машката неплодност) може да биде резултат на вродени или на стекнати уролошки аномалии, инфекции на гениталниoт тракт, зголемена скротална температура (варикоцела), ендокрини нарушувања, генетски нарушувања и имунолошки фактори. Многу често, кај 60-75 проценти од случаите на машка неплодност, причината не е позната. Најчесто мажите што се испитуваат поради неплодност се без претходна историја на проблеми поврзани со плодноста и имаат нормални наоди на физикален преглед и нормални ендокринолошки лабораториски тестирања. Анализата на спермата открива намален број сперматозоиди, намалена подвижност и зголемен број абнормални форми на сперматозоидите. Овие три нарушувања кај сперматозоидите најчесто се јавуваат заедно.
Тоа подразбира дека секој маж со намален квалитет на спермата треба да биде прегледан од уролог. Прецизирањето на причините за неплодност, кај кој било од партнерите, е пресуден фактор во успешноста од лекувањето, без разлика дали тоа е со лекови, хируршки или со техники на асистирана репродукција. Кај мажите треба да се почне со испитувања за неплодност ако анализата на спермата е абнормална кај најмалку два едноподруго резултати.
Дали повозрасните пациенти треба да одат на преглед почесто?
ПЕТРОВСКИ: Кај повозрасните е доволно еднаш годишно да прават преглед поврзан со простата, во кој спаѓа дигитален ректален преглед на простата, тумор-маркер ПСА и ЕХО на урогениталниот тракт.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(интервјуто е објавено во 220. број на неделникот „Република“ кој излезе во печат на 19.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст