| четврток, 6 декември 2018 |

Николиќ: Да се прекинат преговорите доколку Косово стане членка на УНЕСКО

Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека во случај Косово да стане членка на УНЕСКО, тој ќе предложи прекин на преговорите со Приштина.

– Незамисливо е т.н. Косово да биде во УНЕСКО без преговори во Брисел. Во случај на таков резултат од гласањето во Генералното собрание на УНЕСКО, ќе предложам да ги прекинеме разговорите со Приштина, а на својот народ да му помогнеме и овозможиме да живее подобро од сега, и на Косово и Метохија, и во останатиот дел на Србија, изјави Николиќ за весникот „Политика“.

Според него, лицемерно е од некои држави да инсистираат на дијалог меѓу Белград и Приштина, кој треба да доведе до конечно решение, а истовремено да вршат притисок врз сите држави кои не ја признале независноста да го направат тоа, а дотогаш да му овозможат членство на Косово во меѓународните организации.

Николиќ, исто така, оцени и дека промените по изборите во САД влеваат надеж дека сепак дел од правдата и меѓународното право ќе пристигнат и во Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top