| четврток, 6 декември 2018 |

Карма ис а бич

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Коалицирањето на Заев со под­земјето во обидот за насилно преземање на власта беше една од најсериозните грешки што лидерот на опозицијата ги направи во овие две години. Уште пострашно беше тоа што никој во неговото опкружување не го осуди тоа туку, напротив, со две раце беше прифатено и од раководството и од медиумските платеници на Сорос. Не треба да си многу мудар за да сфатиш дека Заевата налудничавост во комбинација со окуражени криминалци не само што не може да биде од корист никому, туку може да биде опасна, и тоа многу! За сите. Дури и за нив самите. Оттука не беа случајни сите предупредувања и укажувања дека Заев си игра со оган, дека ситуацијата многу лесно може да излезе од контрола, а државата да се претвори во Див Запад (особено во тој момент кога Црпнатиот ќе треба да го испорача ветеното, односно кога ќе дојде времето да се израмнат сметките со криминалците). Очигледно, некои од „големите умови“ и „стратези“ во опозицијата го занемарија моментот дека овие опасни и валкани игри со подземјето може да им се удрат од глава, веројатно убедени во моќта на „чадорот“ да ги координира и контролира сите сојузници на Заев. Но, никој од нив не ни сонуваше дека чадорот ќе се распадне пред Груевски да капитулира и дека дури тогаш никој нема да може да ги сопре истите тие насилници да ги применат истите методи на заплашување и врз нив, па дури и да затропаат на нивните врати. Особено не Заев и Спасовски. За тоа сега се свесни и самите тие, па поради тоа може деновиве да ги видиме како очајно бараат заштита од Кале, место од својот лидер.

Активирањето на подземјето во заштита на Заев од своите е само уште една потврда дека работите во опозицијата сериозно се излезени од контрола. Ако само неколку дена претходно можевме да видиме како гласноговорниците на Заев се ситат на заканите и на местенките кон неистомислениците, се восхитуваат на способностите на подземјето и на удбашките методи за заплашување на мрачните ликови што ја водат кампањата на СДСМ, сега ги гледаме истите како во хор кукаат, плачат и молат за помош од истите тие политичко-криминални структури.

За потсетување, истите овие опозициски плачковци ликуваа кога беше исцениран случајот со сообраќајката на Диме Спасов. Глумеа лудило по скандалозната прес-конференција на техничкиот министер Спасовски целосно игнорирајќи ги сите аргументи што укажуваа дека станува збор за политичка местенка изведена со помош на подземјето. Се восхитуваа на упадот на удбашот Иван Бабановски во просториите на „Република“ и на заканите по живот кон колумнистот Никола Србов. Не ги ни регистрираа џукелите што го нападнаа фотографот на „Република“ пред штабот на СДСМ и хулиганите што ги демолираа просториите на „Република“ и на „Радио Слободна Македонија“ за време на насилните протести… Мува не ги полази кога оваа „багра рекетарска“, како што самите ја нарекуваат, се закануваше дека „куририте ќе ги влечат со коли по Партизанска додека не им се распаднат телата“… Напротив, во нивните текстови и статуси на „Фејсбук“ сѐ до неодамна, отворено поттикнуваа насилства врз неистомислениците, повикуваа на чистки и на личнови, со пена во устите зборуваа за крв по улиците и бараа одмазда…

Сега, кога се распадна чадорчето и кога е повеќе од очигледно дека најголемиот дел од нив не само што останаа со празни раце, туку и дека го навлекоа гневот на своите омилени криминалци поради јавното критикување на одлуките на Црпнатиот, наеднаш им текна дека ова со насилствата било опасна работа, дека местото на „јаките момци“ било под земја и дека сето ова морало веднаш да престане. Види, види! Какво непријатно будење.

Господа опозициски платеници и опортунисти, кога ќе се расоните и ќе сфатите дека го живеете кошмарот што им го посакувавте на другите, верувам дека ќе се охрабрите да си го прашате техничкиот министер Оливер Спасовски кој го спречува да ги врати џукелите во кафези? Ќе преземе ли нешто против „баграта“, која дури и јавно почна да испраќа закани до критичарите на Заев од опозициските редови? Не може или не сака да ве заштити од рекетарите? Нели затоа СДСМ го постави на оваа позиција во МВР? Ќе праша ли некој од „професионалните“ новинари зошто „професионализираната“ полиција на Спасовски не може да состави две логични реченици за инцидентот на Партизанска? Многу ли ќе биде ако побарате да го расчисти случајот? Го интересира ли некој во опозициските медиуми кој, навистина, стои зад овие инциденти или и овој пат, како во случајот со Диме Спасов, ќе се задоволите со лагите на Спасовски? Можеби и овој пат Груевски ви е виновен? Па до кога ќе му дозволувате да ве удира со вашите дланки?

Од сите ваши оцени и заклучоци што ги изнесовте деновиве прифаќам само една – полицијата мора жестоко да одговори на сите закани и насилства. Само, за разлика од вас, овој мој став се однесува за двете засегнати страни и е непроменет од самиот почеток на кризата. Лично не верувам дека Оливер Спасовски и неговата параполиција имаат волја и капацитет да се пресметаат со подземјето, но убеден сум дека во МВР има вистински професионалци, кои решително ќе излезат на крај со сите политичко-криминални структури што сакаат да ја искористат кризата за остварување лична корист на сметка на безбедноста на граѓаните и на државата. Токму затоа, сигурен сум дека по 11 декември сите ќе можат да бидат поспокојни, барем од тој безбедносен аспект.

Во меѓувреме, се надевам дека самите ќе си се преиспитате како паднавте толку ниско да завршите во друштво на еден патолошки случај и во опкружување на најголемиот општествен отпадок? На ова прашање јас не можам да ви дадам одговор, но во тој контекст можам да ви цитирам порака од „Фејсбук“ на Петре Шилегов од лани ова време, во која портпаролот на СДСМ во сосема други околности, саркастично му се обраќа на еден новинар со зборовите: Карма ис а бич. Свесен си дека кругот се врти и дека кој од каде почнал, таму завршува. И тука веќе ти нема помош!

Се надевам дека во овие зборови ќе го најдете вистинскиот одговор на вашите дилеми.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top