| четврток, 6 декември 2018 |

Штојбер: На Македонија ѝ успеа тоа што не им успеа на многу членки на ЕУ

Во рамки на посетата на партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ на покраината Баварија денеска претседателот на партијата Никола Груевски и членовите на партискиот Извршен комитет се сретнаа со поранешниот премиер на Баварија, Едмунд Штојбер.

На средбата со Штојбер, кој е поранешен претседател на ЦСУ, една од централните теми за разговор била бегалската криза во којашто, според домаќинот, Македонија презела важна европска задача.

– Во последната година со затворањето на границата Македонија презеде врз себе една голема европска задача. Тоа беше нотирано од страна на многу други држави од Европа, меѓу кои Франција и Германија. Македонија успеа во она што многу други држави не успеаја, затоа сметам дека преговорите за влез треба продолжат понатаму и да се најде решение – рече Штојбер.

средба груевски-штојбер

Поранешниот лидер на ЦСУ смета дека на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат во Македонија ВМРО – ДПМНЕ ќе постигне голем успех.

– Се надевам дека изборите на 11 декември во Скопје нашата сестринска партија предводена од Груевски ќе оствари победа – додаде тој.

Од 2007 година Едмунд Штојбер е почесен претседател на ЦСУ која што функционира само во најбогатата германска покраина Баварија и која е сестринска партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел со која ја дели власта на ниво на Сојузна Република Германија.

Пред два месеци делегација на ВМРО – ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата Никола Груевски оствари посета на Берлин каде што се сретна со триесетина претставници на германскиот политички и бизнис естаблишмент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top