| четврток, 6 декември 2018 |

Хаџи-Лега: Стапката на предвремено породување на ниво на Македонија е девет проценти

Предвременото породување претставува глобален светски проблем. Според податоците на Центарот за репродуктивно здравје, кој функционира на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, стапката на предвремено породување на ниво на Република Македонија изнесува девет проценти и е нешто повисока во однос на претходните години.

Ова денеска го истакна директорката на Клиниката, Марија Хаџи-Лега по повод 17 ноември, Светски ден на прематуритет, која рече дека постои тренд на пораст на стапката на предвремено породување. Околу 17 проценти од сите породувања на Клиниката, посочи таа, се предвремени.

– Процентот на предвремено породување на Клиниката минатата и предминатата година изнесуваше 15, па 17 проценти. На Клиниката од 2001 година е отворен Оддел за интензивна нега и терапија. Предвременото породување претставува глобален светски проблем, значи не е проблем само на нашата земја, туку дури и на САД кои се едни од водечките со највисока стапка на предвремено породување која изнесува околу 12 проценти – рече Хаџи-Лега.

Потенцира дека овој ден се одбележува со цел подигнување на свесноста на населението, идните и сегашните мајки во поглед на ризиците и предизвиците кои ги носи предвременото породување.

Предвремено породување, нагласи, е јавно здравствен проблем пред се поради трошоците и смртноста односно компликациите кои настапуваат кај новороденчињата родени предвреме.

– Предвремено породување е породување пред 37. гестациска недела, при што ги делиме на екстремен прематуритет пред 28. гестациска недела, во кој е екстремно висок овој перинатален морталитет, како и последиците во текот на животот на оние кои ќе преживеат. Потоа има умерен прематуритет од 28. до 32. гестациска недела, а другото е лесен прематуритет од 32. до 37. гестациска недела – рече Хаџи-Лега.

Посочи дека Клиниката, како резулат на соработката на Здружението за перинатална медицина на Југоисточна Европа, чиј претставник е таа, ќе биде вклучена во мултицентрична студија која ќе почне наредната година во која Македонија ќе успее да придонесе во истражување на патогенетиските механизми на предвременото породување.

Појасни дека многу честа причина за предвременото породување се инфекциите и поради тоа интензивно работеле на воведување редовни гинеколошки прегледи и микробиолошкото мониторирање кај трудниците во текот на антенаталната грижа, која е многу значајна за намалување на стапката на предвремено породување.

– Воведовме едноставна метода за да овозможиме селектирање на онаа високо ризична популација кај која може да настапи предвремено породување, а тоа е мерење на должина на цервикс во текот на скринингот во вториот триместар и кај нив да интервенираме со ординирање на гестагена терапија, за која студиите покажале дека ја намалуваат за околу 50 проценти стапката на предвремено породување пред 32 гестациска недела, истакна Хаџи – Лега.

Упати апел до сите идни мајки да го направат овој преглед и редовно да одат на гинеколошки прегледи во текот на бременоста. Според неа, многу е битна и грижата надвор од бременоста, за што е потребно интензивно работење на планирање на семејството, едукација на младата женска популација и на машките партнери во поддршката на женската популација, едукација во поглед на планирање на бременоста, перидот меѓу две бремености…

Посочи дека возраста на која се стапува во брак е поместена и се подоцна жените одлучуваат да го прошируваат своето семејство и тоа е еден од ризик факторите за предвремено породување, како и ин витро породувањето, дијабетесот, хипертенцијата и други хронични заболувања.

– Докажано е дека предвремено родените имаат многу повисок ризик понатаму да ги развијат тие заболувања и колку порано се родени, се изложени на мозочни крварења, церебална парализа, нарушување на видот, слухот, нарушување во психомоторниот развој и претставуваат многу голем товат на општеството. Петнаесет милиони новороденчиња во светот се раѓаат предвремено секоја година и околу еден милион од нив умираат. Секоја петта минута 50 новороденчиња доаѓаат предвреме на свет, рече Хаџи – Лега.

Акушерката Тања Трајковска, заменик-одделенска сестра на Одделението за интернзивна нега и терапија при Клиниката рече дека била направена едукација на севкупниот персонал, дел од акушерските и педијатрите биле на едукација во странство, а останатите се едуцирале таму интерно.

Посочи дека во рамки на Одделението функционираат: Кабинет за одмолзување каде мајките имаат можност да дојдат и да остават измолзено мајчино млеко за сопственото дете, а тоа е интерна банка за хумано млеко, и Кабинет за кенгурирање каде го спојуваат семејството заедно и се прави контакт кожа на кожа на новороденото со неговите родители. Според неа, таквиот начин на контакт им дава самодоверба на родителите.

Зорица Божинова од Струмица, која се породила во 32. гестациска недела, изјави дека нејзиното новороденче е подобро и изрази благодарност до сите вработени во Одделот.

Педијатарот Снежана Јанчевска, која е раководител на одделенијата за новородени, вклучително и интензивната нега и терпија, истакна дека над 80 проценти од оние 600 до 800 новородени недоносени деца имаат среќна бајка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top