| четврток, 6 декември 2018 |

Состанок на балканската Мрежата на истражувачите во областа на руралниот развој

Заеднички настапи на меѓународни проекти од областа на руралниот развој на балканските држави е препораката која ја упатија учесниците на денешниот состанок за воспоставување Мрежа на истражувачи од областа на руралниот развој од регионот на ЈИЕ, во организација на Здружението на агроекономистите на Република Македонија (ЗАЕМ) во соработка со Истражувачкиот центар за јавни политики од Белград.

– Досега бевме дел од големите мрежи кои ги водеа други организации, кои ни наметнуваа свои теми, а ние ги следевме. Овој пат мислам дека можеме да го покренеме значењето на овие теми од страна на нашите земји кои се различни од другите земји во светот кои имаат други приоритети и различни политки за оваа област – истакна Наталија Богданов, професорка на Факултетот за земјоделски науки од Белград.

Според неа, овој состанок е многу важен од аспект што првпат научниците и истражувачите имаат можност од, како што рече, свој агол да ги разгледаат проблемите на руралните региони, како и проблемите на научните предизвици. Потенцира дека овој состанок ќе придонесе за поголеми успеси, но дека ќе резултира и со научен придонес.

На состанокот учествуваат претставници од над 20 научно-истражувачки институции од девет земји од регионот.

Формирањето на оваа мрежа е поддржано од страна на Регионалната програма за поддршка на истражувањата во Западен Балкан управувана од Универзитетот Фрибург, со мандат даден од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top