Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер се сопружници и автори на „Големиот германско-македонски речник“, кои живеат и работат во Берлин, Германија. Неодамна на најголемиот саем на книгата, тој во Франкфурт, беше промовирано нивното дело на кое работеле цели 18 години. Речникот има речиси 4.000 страници и сопружниците Шмигер почнале да го работат заради сопствени потреби. Роланд работи како толкувач и преведувач, а и сам обучува идни толкувачи. Нина предава македонски јазик на германски дипломати и учествува во обуката на толкувачи. Но, по 18 години макотрпна работа, денес со универзалниот речник може да се служат ученици и студенти, преведувачи и толкувачи, но и научници, стручни лица од најразлични сфери и стопанственици.
Кога е објавен „Големиот германско-македонски речник“ и каде може да се купи?
ШМИГЕР: Речникот беше објавен точно пред една година во германската издавачка куќа „Буске”. Тој може да се нарача директно од издавачот или, пак, преку разни е-книжарници, како, на пример, „Амазон”. Меѓутоа, во последно време има интерес и од македонски издавачи да организираат дистрибуција на речникот во Македонија, така што се надеваме дека наскоро тој ќе може да се најде и во книжарниците во самата земја.
Составување речник во четири тома е голема, обемна, одговорна и, пред сѐ, многу важна работа. Како вам ви успеа да го сторите тоа? Колку време работевте на речникот?
ШМИГЕР: На прво место мораме да прецизираме дека не се работи за толковен речник, туку за двојазичен, германско-македонски речник. Неговата изработка беше навистина обемна работа и долг, макотрпен труд. Вкупно работевме на речникот околу 18 години. Проблемот се состоеше, од една страна, во тоа што бевме само двајца и имавме и редовни работни обврски, па работата на речникот можеше да се одвива само во слободното време. Од друга страна, се соочивме со тешкотијата што сè уште има многу малку стручни речници за разни сфери на науката и на технологијата, така што моравме да ги бараме соодветните термини по различни учебници и стручни изданија. Особено во првите години таа потрага по најсоодветните македонски еквиваленти на германските заглавни единици беше многу бавна и тешка бидејќи уште не постоеше интернетот со своите значително олеснети можности да се дојде до информации.
Живеете во Германија, сопружници сте, а сте се запознале во Македонија. Може ли да ни раскажете од каде идејата да го составите овој речник?
ШМИГЕР: Роланд е по професија толкувач и преведувач, па постојано се соочуваше со недостигот од пообемни и квалитетни речници кои, освен секојдневната лексика, покриваат и стручна терминологија. Така што, речникот, пред сѐ, почнавме да го работиме за сопствени потреби.
Колку ви помогна тоа што сте сопружници?
ШМИГЕР: Веројатно не постојат тимови што се во состојба да поминат повеќе време заедно од една брачна двојка. Во кое било време од денот имавме можност по потреба да се консултираме и да размислуваме за решавање проблеми поврзани со нашиот труд.
Кому му е наменет овој речник?
ШМИГЕР: Тој е предвиден за многу широк круг на корисници. Со него може да се служат ученици и студенти, преведувачи и толкувачи, но и научници, стручни лица од најразлични сфери и стопанственици. Ние се трудевме во речникот да опфаќаме колку што можеме поширок спектар од јазичен материјал, така што сметаме дека со право може да се нарече универзален.
Кои се вашите планови за во иднина?
ШМИГЕР: За во иднина ќе продолжиме со тековните работни обврски, меѓутоа нема да се нафатиме со нов поголем лексикографски проект. Сметаме дека сега е време други, помлади колеги да ја преземат таа улога.
Можете ли да ни кажете како одеше процесот на составување на речникот? Што содржи тој?
ШМИГЕР: Како појдовен јазичен материјал се водевме по германскиот правописен речник „Дуден”. Работевме буква по буква, од А до Z, и за секоја заглавна единица насочено ги баравме македонските еквиваленти. Притоа се служевме со многубројни учебници, стручни изданија и енциклопедии. Освен општиот зборовен фонд, речникот содржи и стручни термини од најразлични области, како, на пример, биологија, хемија, физика, економија, географија или математика. Секогаш кога во текот на преведувачката работа или во слободното време ќе се соочевме со некој интересен израз, го додававме, така што речникот постојано се дополнуваше. Освен тоа, опфатени се и изрази од различни стилски нивоа, од висок стил до разговорен јазик и сленг, па дури и вулгаризми. За разлика од повеќето постојни речници, во нашиот труд за секоја германска заглавна единица и за секој македонски еквивалент се даваат граматички информации. На пример, конјугациските класи на македонските глаголи се означени со шифри кои препраќаат кон граматички табели на крајот од четвртиот том на речникот. За повеќезначните зборови нудиме и богат материјал од примери за нивната употреба со различните значења, но и фразеолошки единици.
Интересно е што тој е составуван во време пред интернетот. Денешните генерации тешко би го разбрале тоа. Каква литература користевте при составувањето? Дали купувавте или читавте дополнителна литература?
ШМИГЕР: Не може да се каже дека речникот е целосно настанат во време пред интернетот. Но, барем за првата половина од времето на нашата работа тоа е вистина или барем бројот и квалитетот на веб-сајтовите беше уште толку ограничен што немаше некоја голема корист од него. Со постепениот развој на интернетот значително и нам ни се олеснуваше работата. Купивме огромни количини стручна литература и енциклопедиски изданија од најразлични сфери како материјал за ексцерпирање.
Речникот неодамна беше промовиран на најголемиот саем на книгата во светот, тој во Франкфурт. Што очекувате по промоцијата?
ШМИГЕР: Многу ни беше драго што бевме поканети од македонските издавачи да го промовираме нашиот речник на македонскиот штанд на франкфуртскиот саем на книгата. Со оглед на тоа дека речникот е објавен од германска издавачка куќа, тој засега страда од недостатокот што тешко може да си го пробие патот до македонската публика. А, сепак, сметаме дека повеќето потенцијални корисници се наоѓаат во Македонија. Саемот во Франкфурт првпат ни даде шанса да ја запознаеме пошироката македонска јавност со постоењето на нашиот труд. Освен тоа, македонски издавачи почнаа да пројавуваат интерес да се договорат со нашиот издавач за да ја преземат дистрибуцијата во Македонија. Се надеваме дека таа замисла ќе успее и дека наскоро речникот ќе може да се најде и по книжарниците во Македонија, за каде е и наменет.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(текстот е објавен во 219. број на неделникот „Република“ кој излезе во печат на 4. ноември 2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст