| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ до косовските власти: Дајте да ги решиме проблемите, не кријте се зад големиот брат

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, ги отфрлил тврдењата на косовската амбасадорка во САД, Влора Читаку, за колонијалните тенденции на Белград кон Приштина, пренесуваат српските медиуми.

Дачиќ на крајот на седницата на Советот за безбедноста на ОН за Косово порачал дека „Србија не е колонизатор и не дозволува така за неа да се говори во Советот на безбедност“.

-За каков колонијализам зборувате? Овде седат земји кои се ослободувале од колонијализмот. На Косово се наоѓа првиот главен град на Србија, српската црква, а вие мислите дека е доволно тоа што сте тука и што ве поддржуваат западните земји за да говорите невистини, рекол шефот на српската дипломатија.

Дачиќ додал дека според говорот на Читаку за Косово се добива впечаток дека тоа е идеална земја.

-Се чудам зошто мигрантите кои поминуваат преку Балкан не одат на Косово, кога е тоа идеална земја, зошто нивните граѓани бегаат од Косово во Западна Европа. За каква држава говорите? – рекол тој.

Дачиќ се осврнал и на бомбардирањето на Србија, додавајќи дека таквата одлука била нелегална и донесена без одлука на Советот за безбедност на ОН.

-Вие од почетокот имавте план за обединување со Албанија, вие не сте Косоварка, вие сте Албанка, туку се работи за национало малцинство во туѓа земја, која еднострано прогласи независност, нагласил Дачиќ, додавајќи дека на Србија не е и потребна поддршка од страна.

-Дајте да ги решиме проблемите, вие се криете зад големиот брат. Нема никој да ги реши вашите проблеми, како што тоа беше случај со бомбите во 1999 година. Тоа време е завршено – порачал српскиот министер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top