| четврток, 6 декември 2018 |

„Кралевите“ со мака до победа над ПАО, прв пораз на шампионот ЦСКА

Со четирите натпревари одиграни синоќа во кошаркарската Евролига беше комплетирано седмото коло од оваа сезона.

real-madrid

Еден од главните аспиранти за титулата оваа година, екипата на Реал Мадрид, потешко од очекувањата стигна до победата на грчки Панатенаикос на домашен терен од 87-84. Беше тоа тежок натпревар за избраниците на Пабло Ласо, кои на крајот сепак успеаја да ја остварат целта. Гостите од Грција беа рамноправни до самиот крај, а Кејси Риверс промаши тројка за да го одведе мечот во продолжение.

На полувремето „кралевите“ имаа три поени предност (53-50), а во последните десет минути влегоа со позитива од 72-68. Беше неизвесно до самиот крај, а одличен меч одигра Серхио Љуљ кој беше убедливо најефикасен кошаркар во домашниот тим со 30 постигнати поени. Го следеше Ентони Рендолф со 12 поени.

Кај Панатинаикос, Џејмс Фелдеин беше стрелец на 19 поени, додека Ник Калатес уфрли 15.

darushafaka

Турскиот клуб Дарушафака е првиот кој успеа оваа сезона да го земе скалпот на ЦСКА Москва во Евролигата. Составот на Дејвид Блат одигра одличен меч на домашен терен и славеше со 91-83. „Армејците“ очајно го започнаа мечот, а на другата страна беа расположените Џејмс Андерсон и Вонамејкер, кои со серија тројки го „бомбардираа“ кошот на гостите. Првата четвртина со 30-18, а со идентична предност (49-37) заминаа и на одмор.

По третиот период, Дарушафака имаше огромни 16 поени разлика, но ЦСКА Москва не се предаде. Тимот на Икудис стигна до само еден поен негатива (83-82), но потоа сепак потклекна. Нандо Де Коло немаше свој ден, упропасти еден надежен напад, а потоа Вил Клајбурн беше човекот на одлука, со реализација на две слободни фрлања, а потоа и тројка.

Џејмс Андерсон постигна 20, а Бред Вонамејкер беше стрелец на 18 поени за Дарушафака. Кај ЦСКА Москва, Нандо де Коло и Кори Хигинс запишаа по 17 кошеви.

Во останатите два натпревара поранешниот европски шампион Олимпијакос славеше над Барселона со 59-52, Додека Жалгирис на домашен терен беше подобар од Галатасарај со 87-75.

Веќе денеска се играат натпревари од осмото коло, а најитересен дуел треба да биде градското дерби во Истанбул во кое домашниот состав на Фенербахче за кој настапува македонскиот кошаркар Перо Антиќ ќе се обиде да ја прекине низата од три порази против Анадаолу Ефес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top